Бугарија ќе го екстрадира Русинот што си го запали пасошот поради војната во Украина
Рускиот државјанин кој си го запали пасошот во Бугарија во знак на протест против војната во Украина, најверојатно ќе биде екстрадиран во земјата на потекло по одлука на бугарскиот суд.
Четириесет и шестгодишниот Алексеј Алчин, Русин, кој пет години живее во Бугарија, ќе биде екстрадиран според пресудата на Окружниот суд во Варна. Конечната одлука на Апелација се очекува до крајот на месецот и најверојатно ќе ја потврди првостепената пресуда. Дотогаш тој ќе остане во притвор.
Русија побара Алчин да биде екстрадиран во неговата татковина во врска со истрагата за даночна измама. Барањето дојде откако Алчин демонстрираше против руската инвазија на Украина со палење на пасошот неколку дена откако Русија ја нападна Украина. Алчин и неговата сопруга Олга Ѓурова се убедени дека руското барање е политички мотивирано.
Руските власти, меѓутоа, тврдат дека Алчин го оштетил државниот буџет за повеќе од 282,5 милиони рубљи (4,4 милиони евра). Тој ризикува казна од шест години. Бугарскиот суд одлучи дека се присутни сите услови за екстрадиција и дека нема ризик Алчин да биде казнет за неговите политички убедувања и постапки.
„Во документите испратени до бугарските власти, заменик-јавниот обвинител на Руската Федерација, Пјотр Городов, гарантира дека барањето за екстрадиција на лицето не е насочено кон негово прогонство на политичка основа, во врска со политички ставови, раса, вера или националност“, образложи судот.
Дополнително, руските власти ги увериле дека тој ќе одговара само за делото за кое се бара негова екстрадиција и ќе може да ја напушти Русија откако ќе биде ослободен или ќе ја отслужи казната. Претставниците на бугарската амбасада би можеле да го посетат во секое време.
Адвокатите на Алчин посочија дека откако бил приведен во притвор во јуни оваа година во Бугарија, тој побарал од властите политички азил. Сепак, обвинителството рече дека барањето би имало тежина доколку било поднесено пред тој да биде приведен во врска со бараната екстрадиција.
Во понеделникот непосредно пред судската седница пред судот во Варна се собра многу народ во одбрана на Алчин. Бранителите на човековите права се скептични во однос на правичниот исход на процесот.
„Главната работа што бугарскиот суд мора да ја процени е, пред сè, дали може да и се верува на Руската Федерација“, коментира на Фејсбук адвокатот, екс-обвинител и поранешен заменик министер за внатрешни работи Андреј Јанкулов.
Јанкулов додава дека „логично е руските власти да тврдат дека не го бараат лицето за неговите политички убедувања и дека ќе му бидат гарантирани сите права од меѓународните инструменти по екстрадицијата. Но, затоа и судот во замолената земја одобрува екстрадиција – за да може овие околности да се разјаснат во судски процес, а не некој службеник само да стави печат“. Документите за екстрадиција на Алчин биле донесени „лично на рака“ од вработен во руската амбасада. Во исто време, на Советот за правда и внатрешни работи минатиот март во Брисел, земјите-членки на ЕУ одлучија дека дејствијата на Русија се толку сериозно кршење на меѓународното право и меѓународните договори што го оправдуваат изборот на многу земји-членки да не ги разгледаат барањата од Русија и Белорусија за соработка во прашањата на кривичната правда. Сепак, обвинителството покрена постапка за екстрадиција и се изјасни за поддршка на барањето на руските власти.
угарските власти имаат многу негативно досие во случаите на екстрадиција.
Во јули 2021 година, Европскиот суд за човекови права пресуди против Бугарија за нехуман и понижувачки третман на турски новинар кој беше екстрадиран во Турција во 2016 година, и покрај ризиците од малтретирање.
Новинарот е уапсен додека се обидувал илегално да избега од прогонот на режимот на претседателот Реџеп Таип Ердоган во Турција, поминувајќи низ Бугарија како илегален имигрант. Неговото име не го соопшти судот, но се знае дека работел за весникот Заман и новинската агенција „Цихан“.Бугарските власти го игнорираа неговото барање за меѓународна заштита и го екстрадираа назад во Турција, каде што беше затворен поради тоа што е „ѓуленист“.