Бугарија ја укина забраната за увоз на украинско жито


 

Бугарија во четвртокот одлучи да не ја продолжи забраната за увоз на украинско жито во пет источни земји на ЕУ, која треба да истече оваа недела, пренесуваат агенциите.

Руската инвазија на Украина ги затвори црноморските бродски рути користени пред војната, што резултираше со тоа што ЕУ стана главна транзитна рута и извозна дестинација за украинското жито.

Но, во јуни ЕУ се согласи да го ограничи увозот на жито од Украина во пет земји-членки, барајќи да ги заштити нивните земјоделци кои го обвинија увозот за падот на цените на локалните пазари.

Петте земји-членки се Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка. Полската влада во вторникот одлучи да ја продолжи забраната, која истекува в петок.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во четвртокот рече дека е благодарен на Бугарија што од петокот не ги продолжува ограничувањата за украинскиот извоз на жито.

„Им благодарам на [премиерот] Николај Денков и неговиот тим, како и на бугарските парламентарци кои го поддржаа овој потег. Бугарија дава пример за вистинска солидарност“, рече Зеленски на X, порано познат како Твитер.

За укинувањето на забраната во бугарското собрание гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ПП-ДБ и ДПС. Против гласаа 69 пратеници од опозицијата – БСП и Преродба, а воздржани беа осум, главно од партијата Има таков народ.