Бугарија и Албанија сакаат забрзана реализација на Коридорот 8


Министерот за надворешни работи Иван Кондов во рамки на учеството на министерскиот состанок на земјите членки на Централноевропската иницијатива во Тирана оствари билатерална средба со Игли Хасани, министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија. 

Од албанска страна било искажано признание за доследната поддршка на Бугарија за процесот на приклучување на Албанија во ЕУ. Министерот Кондов од своја страна му честитал на својот колега за постигнатиот напредок во спроведувањето на европските реформи, вклучувајќи ја и  заштитата на правата на националните малцинства. Потврдена била и категоричната заложба на Бугарија и Албанија за забрзана реализација на транспортниот Коридор VIII.

На состанокот на ЦЕИ бугарскиот министер за надворешни работи испрати три клучни пораки.

Најнапред тој ја нагласил важноста од активна и сеопфатна регионална соработка и добрососедски односи, како и подобрување на поврзаноста во рамките на ЦЕИ и релевантните региони. Во тој контекст упатил повик за напредок во изградбата на Коридорот VIII, кој е од витално значење за зголемување на регионалната поврзаност, економската интеграција и безбедноста.

Во контекст на тековната руска воена агресија против Украина, министерот Кондов ставил акцент на конзистентната и непоколеблива поддршка на Бугарија за Украина во сите димензии. Потврдена е подготвеноста да се поддржи последователното закрепнување на Украина, како билатерално, така и во согласност со целите на Украина за интеграција во ЕУ.

Трето, шефот на бугарската дипломатија ја потврдил „силната поддршка на Бугарија за политиката на проширување на Европската унија“ во согласност со принципот на сопствени заслуги. Бугарија, рекол тој,  ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на сите земји кандидати и да ги охрабрува да напредуваат во клучните области како што се владеењето на правото, добрососедските односи, заштитата на човековите права и целосното почитување на позициите и решенијата во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна  политика на ЕУ.