Бугарија домаќин на вежбата на НАТО „Бугарија 2025“ за управување со кризи

Бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов и заменик-генералниот секретар на НАТО Радмила Шекеринска ја отворија вежбата „Бугарија 2025“ на аеродромот во Ерден, општина Бојчиновци.
Првата вежба од ваков вид организирана од Бугарија има за цел да ја зголеми подготвеноста и отпорноста на Алијансата преку соработка меѓу сојузниците и партнерите.
– Колку се поподготвени сојузниците, толку посилен е НАТО. Оваа вежба ја тестира цивилната подготвеност и го зајакнува оперативното усогласување при одговор на кризи, изјави Митов.
Тој нагласи дека Бугарија е посветена на зајакнувањето на отпорноста и затоа не се двоумела да биде домаќин на ваква вежба. Според него, вежбата помага во идентификување на недостатоците и утврдување на приоритетите за подобрување, притоа истакнувајќи ја важноста на трансатлантското единство за справување со предизвици како климатски промени, кибернапади и природни катастрофи.
Шекеринска истакна дека вежбата е пример за соработка меѓу нации за заштита на граѓаните.
– Ова е суштината на НАТО – не само борба, туку и подготовка за спасување животи, рече таа, додавајќи дека учествуваат земји од Колумбија до Јапонија, како и партнери од ЕУ, што покажува практична и оперативна соработка.
Вежбата вклучува обука за спасување, справување со хемиски и радијациски опасности, индустриски инциденти и примена на нови технологии.
Учесниците ќе ги преточат научените лекции во конкретни способности за заштита на луѓето и инфраструктурата, пренесува БТА.