Буџетот за 2023 година ќе тежи рекордни 5,28 милијарди евра, предлага Владата

Дефицитот е проценет на 695 милиони евра. Буџетот за наредната година е поголем од тој за 2022 за дури 1,3 милијарди евра


 

Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2023 година, предложен од Министерството за финансии, соопштија од Владата.

Буџетот на расходната страна е предвидено да изнесува 324,8 милијарди денари (5,28 милијарди евра), приходите е предвидено дека ќе бидат 282,05 милијарди денари (4,58 милијарди евра), а дефицитот е проценет на 42,75 милијарди денари или околу 695 милиони евра. Ова е големо зголемување во однос на 2022 година, за 1,3 милијарди евра.

На седницата е усвоен и Предлог Законот за извршување на Буџетот за 2023 година.

Инаку, во ребалансот на Буџетот за 2022 година, вупните приходи се утврдени на ниво од 245,8 милијарди денари (4 милијарди евра), а вкупните расходи на 288,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит за оваа година е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП, што е пониско во однос на 2021.

Според процените за наредната година, во Предлог-буџетот се предвидува економски раст од 2,9 проценти. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка. Стапката на инфлација, според очекувањата, постепено ќе се стабилизира и е проектирана на 7,1 процент за следната година.

Вкупните приходи од 282 милијарди денари се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите од 324,8 милијарди денари се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на прес-конференција посочи дека целта на Предлог-буџетот кој е изготвен согласно новиот Закон за буџети, е да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.

„Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија“, рече Бесими.

Буџетот за следната година, како што рече Бесими, ги содржи клучните елементи на среднорочната фискална политика, односно заложбата за постепена фискална консолидација, одржување на макроекономскта стабилност и забрзување на економскиот раст.

И Буџетот за 2023 година се заснова на златното правило во економијата – капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Тековните расходи се планирани во износ од 275,9 милијарди денари и се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.

„Расходите за исплата на плати се проектирани согласно постојните законски решенија и изнесуваат 34,9 милијарди денари. Во текот на 2023 година се продолжува со определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор, а притоа да се примени и новата методологија за плати во јавниот сектор“, рече Бесими.

На среден рок се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај нашите главни трговски партнери. Проекциите се дека просечниот раст на домашната економска активност во периодот 2023-2027 година ќе достигне 4,6 проценти при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5 проценти. Буџетскиот дефицит до 2026 година се очекува да биде до 3 проценти, а во 2027 година под три проценти. Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти.

Бесими во колумна објавена неодамна посочи дека догодина доспеваат и стари обврски во износ од 800 милиони евра, меѓу кои и еврообврзницата од 450 милиони евра издадена од 2016 година. Каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеаниот долг заедно со каматите надминува милијарда евра.

„Сепак, имајќи ги предвид сите мерки кои ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата“, напишува Бесими во колумната.

На среден рок, како што посочува, има уште неколку бедеми кои треба да се надминат по однос на финансирањето на доспеани обврски, пред се обврските акумулирани за време на ковид-кризата, но, вели, со умерен пристап и миксот на штедење и водење на соодветни политики кои ќе го поттикнат растот и зголемат приходите, ќе ги премостиме и нив.