Буџетот на институциите e намален, но доволен за натамошни реформи, вели Заев
Владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува се поуслужна кон граѓаните. Во нејзината структура сѐ уште се чувствуваат последиците од масовната партизација на институциите што се правеше 11 години до 2017 година и од спроведување на операцијата „заробена држава“.
Ова во интервју за МИА го посочи премиерот Зоран Заев, кој говореше за натамошните перспективи на реформите во институциите сега со скратени буџети и рецесија, но и за тоа дали тој има храброст за елиминирање на рамковни и партиски вработувања.
-Буџетот за 2021 е изгласан и во него има средства за сите предвидени реформски и економски процеси. И сега треба да се одработи, многу да се работи, секој од нас да даде максимум, а тоа важи и за секој од државните службеници. И ете го реперот – кој е спремен да одработи и да биде сервис на граѓаните од кои е платен, не треба да се грижи за ништо. Се разбира, дел од администрацијата природно ќе гравитира кон бизнис секторот, а дел ќе се пензионира согласно законските рамки. Во секој случај, владината политика е јасна – администрацијата ќе се намалува и ќе станува се поуслужна кон граѓаните, нагласува Заев.
Вели Владата, која ја предводел и во овој и во претходниот мандат, работи врз принципите дека нема да има отпуштања заради реваншизам. Напротив, додава тој, влеговме во процес на длабока реформа на јавната администрација.
-Отворивме процес за создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата на Република Северна Македонија создава администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста, нагласува Заев во интервјуто за МИА.