Бучковски: Заев се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности


Северна Македонија нема алтернатива. ЕУ е нашата стратешка цел, затоа мора да се избориме за почетокот на преговорите со ЕУ. Заев се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности, вели Владо Бучковски универзитетски професор, кој е поранешен премиер и екс-претседател на СДСМ.

– Ние деновиве поминуваме низ една специфична катарза. По интервјуто на Заев за БГНЕС. Мене ова ми е веќе Deja Vu. Пред 14 години, кога по средба со бугарскиот премиер Станишев, проговорив дека доаѓа време кога врз основа на заедничката историја треба да градиме заедничка иднина со тоа што ќе почнеме заеднички да ги чествуваме Св. Кирил и Методиј и зошто да не и Илинденското востание, бев дочекан на нож од дел од медиумите. Имаше превирања и во самиот СДСМ, беа нарачувани колумни против мене, се ширеше говор на омраза. Денес повторно, но со посилен интензитет, се обвинува за распродавање на македонската историја друг (премиер). Зошто? Затоа што, според мене, Заев од петни жили се бори за нашата европска иднина во духот на европските вредности, вели Бучковски запрашан за коментар на изјавите на премиерот Заев за БГНЕС и реакциите кои уследија во јавноста во интервју за Цивил медија.

Според него, евентуалната политичка криза во нашата држава при опстојување на Бугарија на ветото и на декемврискиот самит на Советот на ЕУ, дополнително ќе ги искомплицира и така комплицираните состојби во нашиот регион на Западен Балкан. Тој укажа на, како што вели, кризата на Косово по обвиненијата на Специјалниот суд против поранешните лидери на ОВК и оставката на претседателот Хашим Тачи, на новата Влада во Црна Гора која ја следат контроверзии околу нивната прозападна ориентација, федерацијата  во БиХ е на стаклени нозе, бидејќи Република Српска е темпирана бомба.

-Албанија е во пресрет на парламентарните избори со длабока политичка поделеност на власта и опозицијата и отворен судир на Владата на Рама со претседателот Мета. Србија навидум е политички стабилна, но верувам свесна дека без признавањето на независноста на Косово, нема шанси за членство во ЕУ, вели Бучковски.

Според него, Русија, е охрабрена од последните случувања во нашиот регион кои вели и оставаат простор за поголемо влијание.

-Победата на опозицијата во Црна Гора, развојот на настаните на Косово, но и бугарското вето за нас, ги враќаат во игра алтернативните решенија за нашиот регион. Геостратешки, позициите на ЕУ, без забрзување на процесот на проширување, ќе слабеат, ќе се остави простор за поголема пенетрација на руското влијание, но и на кинеското, вели Бучковски.

За тоа какво влијание има Русија во градењето на односите на земјава со соседите Бучковски вели дека никогаш не го потценил и влијанието на Русија во бугарско-македонските односи.

-Сведоци бевме како заврши барањето на нашата православна црква, Бугарската православна црква да ѝ биде мајка! Рускиот патријарх Кирил го искористи своето влијание во синодот на БПЦ да не дојде до дополнително зближување на нашиот и бугарскиот народ! Полза од тоа имаше и Српската православна црква (пак таа оска Москва – Белград), вели проф. Бучковски.