Бучковски вели дека веќе имаме закон и резолуција за неправдите од комунизмот


Уште во 2005 година имаме Закон за обесштетување на репресираните од комунистичкиот режим. Во 2006 година кога спикер во парламентот беше Љупчо Јордановски, на предлог на Стојан Андов, имаме донесено Резолуција според Резолуцијата на Советот на Европа за осуда на неправдите од комунизмот. Таа може да нѐ покрие во тој дел што го споменуваат Бугарите, изјави денеска поранешниот премиер Владо Бучковски, обидувајќи се да понуди некаков излез од заплетканата ситуација.

Тој во разговор за Сител рече дека изминативе денови ги поминал во Софија, па одблизу имал прилика да разговара за блокадата на Бугарија.

„Бев во Бугарија од понеделникот до денеска и можам да кажам дека варираше расположението кај политичарите. Ако беа многу тврди на денот на носење на ветото, деновите потоа коментарите беа помеки. Зборуваа дека сепак вратата на ЕУ е отворена, па пак потоа имаше порадикални ставови. Очигледно е дека не кријат оти има преговори, дека македонската страна ќе остане посветена, медиумите ги пренесуваат коректно изјавите на премиерот Заев и министерот Османи. Сепак, да не сме патетични, ниту е време за патриотски говори. Да влеземе со тоа што го имаме сработено, најмогу за овој процес е заинтересирана Германија како најсилна членка во ЕУ, сојузништвото со САД ни оди во прилог…  Приказната околу идентитетот и јазикот е завршена, темата е заедничката историја. Заев постојано потврдува дека имаме заедничка историја, тоа мораме дома да го отвориме, ама со искрена дебата“, рече Бучковски.

Според него, ние имаме имаме направено многу повеќе од Бугарија во спороведувањето на Договорот и треба  да останеме мудри и рационални

„Во делот на Коридорот 8 ние имаме направено пет пати, а може и десет пати повеќе од Бугарија. Ние тоа го правиме во континуитет, а таа страна не гледаме ништо. Во делот со говорот на омраза не е само контролата на медиумите, таму има една поширока формулација која ја повторуваат – дека 30 години постои говор на омраза кај нас против нив. Не личи воопшто на вицепремиер како Каракачанов да користи таков речник. Свесни се бугарските власти дека нашите политичари не одговараат на нивните провокации и тоа нѐ става во позиција да бидеме мудри и рационални, она што реално го имаме направено, а имаме направено многу, да ѝ го пренесеме на јавноста. Токму тоа јас го изнесов и на моето гостување на бугарска телевизија“, изјави Владо Бучковски.