Бучковски: Ако Бугарија стави вето ќе се скрати можноста заедничката Комисија да најде заедничко решение


Скопје и Софија треба да дадат поголема шанса на заедничката комисија да ги реши отворените прашања. Јас сум поборник на тезата дека ако Бугарија ако го искористи правото на вето, ја пропушта историската шанса да докаже на сите оние кои ги оддалечуваат двата народа во изминатите 60 години, дека нашите врски се нераскинливи. Ова во интервју за бугарската телевизија ТВ Европа го изјави поранешниот премиер Владо Бучковски.

Прашан за вчерашните ставови изразени од бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, а потоа и од шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева дека Бугарија нема да ги промени позициите од објаснувачкиот Меморандумот што го достави во ЕУ и од Декларацијата усвоена лани во Парламентот, Бучковски вели оти е непријатно изненаден од вчера изнесените ставови.

-Јас лично сум непријатно изненаден. Бев умерен оптимист дека по средбата на министрите Османи и Захариева пред десетина дена во Софија и формирањето работни групи што треба да изнајдат решение пред средбите на премиерите Заев и Борисов, не очекував во јавноста да се излегува со вакви изјави какви што беа вчерашните, рече Бучковски.

Според него, целата ситуација е комплексна и изрази жалење што поради Декларацијата лани во октомври донесена во бугарскиот Парламент, како и поради изборите во земјава и пандемијата, е изгубена цела една година за поместување на позициите и оти тоа не треба да биде оправдување.

-Но во политиката очигледно многу работи зад кулисите се случуваат во последните неколку месеци и што не одат во прилог на она што сите го очекуваат, а тоа е Бугарија да продолжи да биде најголемиот промотор и сојузник на нашата Република Македонија на патот кон ЕУ. Да се потсетме, за време на претседателството на Бугарија со ЕУ таа направи многу да се врати темата на проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан, посебно со Албанија и Македонија. Затоа за жал чувството овде во Скопје не е оптимистичко, оцени Бучковски.

Во однос на комисијата, рече дека за декември е закажана нова средба, а за идната година предвидени се пет нови средби, и оти политичарите треба да и дадат можност на оваа комисија да ја продолжи својата работа.

-Дојдоа на критичниот период, на крајот на 19 и почетокот на 20 век, според мое мислење, во декларацијата на бугарскиот парламент таксативно се наброени три точки, Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание. Мислам дека ако се искористи правото на вето ќе се скрати можноста комисијата да најде заееднички прифатливи решенија врз основа на автентични документи, не може да се фалсификува историјата, не може и тркалото на историјата да се врати назад. Затоа мислам дека ако продолжи работата на комисијата, ако притоа Бугарија да го тргне најавеното вето, има време, значи комисијата ќе работи во следните години, нашите преговори со ЕУ ќе траат шест, осум, десет години…, оценува тој.

Додава дека ако комисијата не ја заврши работата, ако не постапи онака како што е во Договорот за добрососедство, секогаш ќе може тоа да биде причина зошто Бугарија не се согласува ние да бидеме члека на ЕУ.

-Во последните три години има драматично придвижување напред, она што беше до пред неколку години непоимливо да се признае во Македонија дека имаме заедничка историја, сега е факт, но треба да најдеме начин како да ја претставиме на пошироката јавност и во Софија и во Скопје дека барањето на заеднички точки, заедники личности кои не поврзуваат, треба да биде дел од иднината, а не ние да се поделиме за нешто што се случувало пред сто години или да не можеме да дојдеме до клучната фаза, тоа е да дојдеме до периодот од 1941 до 1944, до кога ќе ја зголемиме довербата меѓу нас, оценува Бучковски.