Брзата пруга до Гевгелија една од клучните инвестиции во договорот со Британија

Договорот уште не е финиширан, се работи на усогласување на последните детали, изјави премиерот Мицкоски на прес-конференцијата со британскиот амбасадор Лосон


Премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорот Метју Лосон

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува втор столб на нашата меѓународна позиционираност по стратешкото партнерство со САД, истакнувајќи дека е потврда  оти нашата држава чекори по патот на стабилноста, безбедноста, развојот и европската иднина.

На заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон беа презентирани придобивките од договорот со Британија, но не беа кажани некои нови детали што претходно не се знаеја.

„Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство ќе биде основата и фундаментот на инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти односно шест милијарди евра. Дел од парите ќе бидат за инвестиции во инфаструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестици во здравстото и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, студентски дом со капацитет од 900 легла, изградба на болницата во Кичево, заедно со здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Во наредниоте денови ќе се потпишат договори и за овие инвестици“, рече Мицкоски на заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон во Владата. 

Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска. „Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со  граѓаните на нашата земја“, рече Лосон. Тој демантираше дека со договорот Македонија се обврзала на прифаќање мигранти, туку за соработка на полициски сили и подобро справување со криминални групи. 

За условите за најавените инвестиции од договорот се работи на деталите и според Мицкоски се најдобрите што некој може да ги има на пазарот.

„Ги знам отприлика бидејќи веќе се преговара со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што може да ги има на пазарот, но тоа сѐ уште не е финиширано, не е конечно иако сме блоску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено, два фиксни параметри, грејс период и долг период на отплата“, рече Мицкоски  на новинарско прашање.

Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер вчера на средба во Тирана одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.

Со потпишувањето на договорот, Македонија треба да добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите.