Брзата лента за дијаспората сфатена како дискриминација во Македонија
Македонското МНР не го открива целиот список на заслужните македонски државјани кои на аеродромите ќе можат да ја поминат процедурата за влез на брза лента и ќе добијат бесплатен пристап во кутурни институции. Непознато останува и по кои критериуми се одбрани личностите и какви заслуги имаат за Македонија.
Одлуката кој ќе добие ваква карта ја носи министерот, на предлог на шеф на дипломатско-конзуларно претставништво на Македонија во странство или друг државен орган. Процесот на детектирање на истакнати лица од дијаспората продолжува и нема дефиниран број колку би се издале.
Одлуката да се додели МКарта за заслужните од дијаспората се заснова на Законот за надворешни работи , а за тоа постои и интерен правилник. Досега се избрани 69 луѓе, но „детектирањето“ истакнати лица од дијаспората продолжува, а бројот на тие што ќе добијат Мкарта не е ограничен. Досега ваков влезен билет, меѓу другите, добиле Накибе Адеми, правничка со плодна адвокатска кариера во Хамбург и специјализиран експерт за иселениците, оперскиот пејач Благој Нацоски, бизнисмените Аднан Асановски и Феми Ислами од Данска, Игор Панчевски, Катерина Туџаровска-Настевска, Ружди Хоџа, Зоран Радунович, Васка Вандевска Радунович, Менсур Шаќири, Сухат Мустафа, Мелјаим Мена и Васим Зекири од Норвешка, како и Јасмина Шопова, Елена Стојческа, Горан Секуловски и Марјан Денков од Франција.
Одлуката на шефот на дипломатијата Бујар Османи сепак не беше дочекана со разбирање во јавноста која ја сфати како најава за дискриминација, па и сегрегација, како можност да им се даде привилегиран пристап на партиски членови и други заслужни, како можност поединци да избегнат соодветна контрола на границата и слично. Еве дел од коментарите на Фејсбук и Твитер:
-А што ако едниот брачен или небрачен партнер е ‘квалитетен’, а другиот не е? Првиот ќе помине на Наци-лентата, а другиот ќе чека? А децата?
-Верувам дека тоа е по предлог на некој од „квалитетните поединци“. Да се објави списокот на „квалитетните“ ќе биде појасно.
-По Устав сите се еднакви.
-А, дали во пасош им е наведено ова или ќе има лице задолжено за профилирање на влез во аеродромска зграда?
-Џабе им е картата, пак треба да ги чекаат и неквалитетните да се качат во авион.
-Ете ти дискриминација…По кои критериуми се бира и кој бира што е успех?
-За нас, карантин и жолта лента на ракав. Вие ли ќе оценувате кој е истакнат и квалитетен поединец? По истиот критериум по кој продававте пасоши на сите балкански дилери?
-На граница брза лента за граѓаните од прФ ред.
-А за роднини и пријатели како се вика таа брза лента?!
-Следна ќе биде брза лента на аеродром за бегање од државата.
-Се брзам, ептен сум успешна, ред не чекам. Гасете светло!
-Ќе одат на брза лента за да не треба да чекаат и некој да ги проверува колку кеш носат.
-Одлично! Онишченко, Седат Пекер, Шкаљарски и Кавачки клан ќе си имаат брза лента во протекторатов.
-Јас читам: Брза лента за северномакедонски нарко трговци од дијаспората и Берн.
-Сите од дијаспората треба да се во брза лента. Ем ни помагаат финансиски, ем собираат сила тука да дојдат а знаат што ги чека, ем може ќе повлечат некого таму.