“Brothel Tango” на Кирил Џајковски во новата серија на Марвел (видео)


Македонската издавачка куќа и компанија за лиценцирање музика Филтер
Лабел продолжува да го надградува своето интернационално портфолио.

Најновиот пласман на музика од домашниот издавач е песната “Brothel Tango” на Кирил
Џајковски во актуелната хит серија на Marvel и Disney, “Daredevil: Born Again”.
“Daredevil: Born Again” е една од најочекуваните телевизиски серии во 2025
година и претставува враќање на малите екрани на ликот на суперхеројот Matt
Murdock, слеп адвокат и борец за правда, по неуспешната екранизација што ја
направи Netflix пред десет години. Откако Disney ги откупија правата за сите ликови од
универзумот на Marvel, тие решија токму приказната за Daredevil да биде меѓу првите
што ќе добијат нов, модерен телевизиски третман.

Веднаш по започнувањето на сезоната, новата екранизација на Daredevil доби
извонредни оценки во речиси сите медиуми што ја следат филмската и телевизиската
продукција. Дури и престижниот Variety објави текст во кој ја најави серијата и објави
селекција од рецензиите на нивните колеги од други медиуми –
Музиката има посебно место во “Daredevil: Born Again”, а во деветте епизоди се
употребени песни од некои од најголемите имиња на светската музичка сцена, меѓу
кои Nick Cave and the Bad Seeds, The Kills, TV on the Radio, The Vines, Slayer и Starship.
Песната “Brothel Tango” на Кирил Џајковски се појавува во клучната, завршна сцена од
претпоследната епизода, која критичарите ја оценија како највозбудлива во целата
сезона.
Иако е оригинално напишана за потребите на филмот „Прашина“ на Милчо
Манчевски, “Brothel Tango” одлично функционира и надвор од контекстот на овој
филм. Потврда за тоа е неодамнешното вклучување на темата во музичко- балетскиот
перформанс “The Waste Land” на престижниот холандски колектив Amsterdam
Sinfonieta, заедно со композиции од Стравински, Лејг, Берг и Најман. Оваа композиција
ќе биде и дел од репертоарот на големиот концерт со филмска музика од Кирил
Џајковски, што ќе се одржи на 15 јуни во МОБ.