Бронзеното спомен обележје – клупата со Горан Стефановски поставени во неговото Дебар Маало


Бронзената фигура на великанот на македонската драмска уметност Горан Стефановски денеска беше поставена во Дебар Маало во Скопје.

Неговиот син Игор на Фејсбук напиша дека по повеќе од една година изработка, долги ковид-месеци во магацин, и неколку недели во кутија, конечно бронзениот Горан го виде небото над Дебар Маало. 

„За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите“, напиша Игор Стефановски.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ исто така на Фејсбук, напиша дека конечно, доајенот на македонската современа книжевност, Горан Стефановски како што го доликува, е во неговото Дебар Маало.

„Неговото спомен обележје, изработено од скулпторот Стивен Мелтон, а излеано во бронза во леарницата Spacer во Маргејт, Англија, од денес ги краси Дебармаалските улици“, напиша Богдановиќ.