Бројот на заразени со корона вирусот во Србија во пораст, денес 487 позитивни
Во последните 24 часа, тестирани се 10.710 лица за корона вирус во Србија, од кои 487 се позитивни, додека, за жал, две лица починаа, јавија српските медиуми. Има и седум пациенти на апарати за дишење.
Вчера од вкупно 11.076 тестирани 424 беа позитивни, додека пет лица починаа. Девет лица беа на апарати за дишење.
Во текот на минатата година, многу колективи беа принудени да работат од дома, но оваа година ситуацијата е значително поинаква, а причината е достапноста на вакцините, и процентот на вакцинирани, што наскоро треба да надмине 50 проценти. Епидемиологот и член на Кризниот штаб, проф. д-р Бранислав Тиодоровиќ, за „Блиц“ изјави дека не очекува работа од дома, освен во некои исклучителни случаи.
„Тоа не се очекува бидејќи ќе имаме барем 50 проценти вакцинирани, иако би било добро да имаме 65-70 проценти, што би претставувало колективен имунитет. Исто така, ќе имаме добар процент од оние кои ја прележале короната или стекнале природен имунитет. Ако голем број вработени се вакцинираат, тогаш нема потреба да работите од дома, освен во случаи, ако има вработен кој поради некоја причина не може да ја прими вакцината. Од друга страна, има луѓе кои немаат такви пречки, а сепак избегнуваат вакцинација, што не е добро бидејќи сето тоа не оддалечува од нормалното функционирање. Значи, јас сум оптимист и верувам дека луѓето, но и младите, ќе ја разберат важноста на вакцинацијата и дека процентот сигурно ќе биде поголем – вели професорот Тиодоровиќ.