Бројот на загинатите во Турција и Сирија надмина 28.000, ОН стравуваат дека ќе биде двапати поголем
Во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија загинаа повеќе од 28.000 луѓе, а официјален претставник на Обединетите нации (ОН) рече дека конечниот биланс на катастрофата може да биде двојно поголем.
Шефот на агенцијата на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, вчера престојуваше во турскиот град Кахраманмарас, епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени.
– Мислам дека е тешко да се процени конечниот број на загинати бидејќи треба да пребараат урнатините, но сигурен сум дека ќе биде двојно, изјави Грифитс за Скај Њуз.
Десетици илјади спасувачи ги пребаруваат урнатините на големиот студ што ја усложнува ситуацијата по двата силни земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што ги погодија Турција и Сирија пред една недела.Според последните податоци, во Турција загинале 24.617 лица, а во Сирија 3.574.
Светската здравствена организација смета дека со земјотресите во двете земји се погодени околу 23 милиони луѓе, вклучително и пет милиони од ранливите групи. СЗО стравува од голема здравствена криза, особено поради ширењето на колерата во Сирија.