Бројот на ноќевања на туристи во земјите од ЕУ се зголеми во вториот квартал од годинава на повеќе од 780 милиони


Во туристичките сместувачки капацитети во земјите од Европската унија во вториот квартал од годинава се регистрирани 780,1 милион ноќевања, што претставува благ пораст од 0,2 отсто во однос на истиот квартал лани, објави денеска Евростат.

Гледано по месеци, во април се регистрирани 193,6 милиони ноќевања, 8,7 отсто помалку на годишно ниво, а во мај 272,1 милиони ноќевања, односно 7,9 отсто повеќе од мај минатата година.

Во јуни во ЕУ се регистрирани 314,5 милиони ноќевања, за 0,1 отсто помалку од лани.

Странските посетители сочинуваат приближно половина, или 49 отсто, од сите туристички ноќевања во земјите на ЕУ во вториот квартал од 2024 година.

Најголем удел на странски туристи во бројот на ноќевања на почетокот на годината е забележан на Кипар 94,8 отсто, на Малта 94,7 отсто и во Хрватска 91 отсто.

За разлика од нив, најмал удел на странски туристи во вкупниот број ноќевања има во Полска 18,2 отсто, Германија 18,7 отсто и Романија 19,6 отсто.