Бројките се јасни: Германците секоја година користат сè помалку автомобили


Во германската Федерална управа за автомобилски сообраќај утврдиле дека просечниот број на поминати километри со автомобил минатата година бил 12.320 километри, што е за 1,2 отсто помалку од 2022 година. Ова го продолжува трендот од претходните години.
Имено, од година во година се намалува бројот на километри кои Германците ги минуваат со автомобили. Минатата година поминале вкупно 591 милијарда километри, што е за 0,6 отсто помалку отколку во 2022 година кога поминале 594 милијарди километри. Во текот на 2021 година поминале 607 милијарди километри, во 2020 година поминале 623 милијарди километри, во 2019 година поминале 628 милијарди километри.

Просечниот број поминати километри со автомобили со дизел мотор лани изнесувал 17.178 километри, додека просечниот број поминати километри со автомобили со бензински мотор лани бил 9.850 километри.

Просечниот број на поминати километри со автомобили од категоријата „други возила“, што се однесува на електрични, хибридни и автомобили на гас, лани изнесувал 15.852 километри.

Автомобилите стари меѓу една и три години минатата година поминале во просек 2.300 километри повеќе во споредба со автомобилите стари меѓу четири и седум години. Бројот на поминати километри се намалува како што се зголемува староста на возилото. Една од причините зошто е тоа така би можело да биде тоа што службените автомобили, кои се користат и за долги патувања, обично се понови, пишува германскиот tagesschau.