Брнабиќ: Денес е легализирано и легитимизирано последното европско гето
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ порача дека денеска со изборите на северот на Косово е легализирано и легитимизирано последното европско гето.
На својот Твитер профил таа наведе дека фотографиите од северот на Косово, кои ги објави, „навистина го прикажуваат „владеењето на правото“ и вистинското значење на „демократските избори“ на Косово и Метохија, кои се поддржани од ЕУ и Квинтата“.
„Одржување избори во привремени контејнери под директен надзор на вооружените сили. Избори – слободни и фер, со вооружени сили и оклопни возила. Ова е Европа во 21 век“, им порача таа на Европската унија и на американскиот амбасадор и мисијата на ОБСЕ во Приштина.
Портпаролот на Централната изборна комисија на Косово, Валмир Елези попладнево соопшти дека до 15 часот на изборите во четирите општини на северот на Косово гласале 1.092 граѓани (околу 2,4 отсто).
Елези изјави дека процесот на гласање досега се одвивал добро и дека не наишле на никакви пречки.
Портпаролот на ЦИК го посочи процентот на граѓани кои гласале до 15 часот.
„До 15 часот, според податоците што ги имаме од општинските изборни комисии од терен, во општина Лепосавиќ гласале 110 граѓани или 0,83 отсто, во Зубин Поток 240 граѓани или 3,6 отсто, во општина Звечан 145 гласачи или 2,07 отсто и во Северна Митровица 597 или 3,3 отсто“, рече Елези.
Во четирите општини на северот на Косово право на глас имаат над 45.000 граѓани.
Избирачките места ќе бидат затворени во 19 часот.