Британските власти наложија „Тик-ток“ да ги отстрани видеата што промовираат опасно возење


Британската влада побара и наложи „Тик-ток“ и другите социјални платформи да ги отстрануваат видеата што поттикнуваат опасно возење, откако во тешка сообраќајка во североисточна Англија загинаа седум лица. Министерот за одбрана Лук Полард порача дека платформите мора самите да реагираат, а владата е подготвена да ги принуди да го отстранат ваквиот материјал преку Законот за безбедност на интернет.

Во несреќата загинаа полицајците Метју Блејдс (37) и Том Клаф (38), откако „Фолксваген пасат“, којшто претходно бил следен од полицијата, се движел во спротивна насока по двонасочна сообраќајница и директно удрил во нивното полициско возило. На местото на несреќата починале и петмина млади луѓе – Кол Роберт Ворти (17), Тео Реј (17), Макај Садингтон (18), како и Мајкл Роберт Кејхил (23) и Џејкоб Матусијак (23). Особено внимание предизвикаат информациите дека Садингтон претходно бил поврзуван со снимање опасно возење за „Тик-ток“. Тој во јули на Суд бил обвинет за напад на полицаец и предизвикување расно-мотивирана вознемиреност и страв. 

– Сакам социјалните мрежи да преземат одговорност… Платформите не треба преку своите алгоритми да шират и финансиски да наградуваат содржини што го вeличаат опасното однесување на патиштата, порача Полард.

Тој предупреди дека, доколку компаниите не реагираат самостојно, Владата ќе ги искористи своите законски овластувања за да ги принуди да го отстранат таквиот материјал.

Полицискиот и криминален комесар за областа Кливленд, Мет Стори, за „Би-би-си радио 4“ ги потврди извештаите за видеата на „Тик-ток“, но ги повика луѓето да избегнуваат шпекулации.

– Без да можам да кажам дали тоа е нешто поврзано со овој случај, апсолутно е идиотски некој да прави нешто друго освен да биде целосно 100 отсто сосредоточен на патот кога е зад воланот на возило. И некој да се снима себеси или да прави нешто слично е апсолутно глупаво и, секако, никој не треба да го прави тоа. Тоа е загрижувачки ако тоа станува сè пораспространето бидејќи е неверојатно опасно, изјави Стори.

Пред кобниот судир, полицијата почнала потера откако добила информации за „повеќе инциденти“ поврзани со „Пасатот“, којшто бил забележан од камера за препознавање регистарски таблички и безбедност во сообраќајот, и според истрагата, можеби користел копирани таблички. Блејдс и Клаф не биле дел од првичната потера, туку биле повикани да помогнат во неа. Потерата траела нешто помалку од седум минути, пред „Пасатот“ да излезе на автопатот и да продолжи во спротивна насока.

Полицијата ја прекинала потерата и продолжила да се движи по правилната страна на коловозот. Само 10 секунди подоцна „Пасатот“ се судрил со нивното возило.

Пријателите на петтемина млади жртви на социјалните мрежи оставаат пораки на неверување и тага. Во меѓувреме, поведена е добротворна акција којашто собра повеќе од 250.000 фунти (над 292.500 евра) за семејствата на загинатите полицајци.