Британските лекари исклучиле дете од апарати, очекувајќи дека ќе умре. Тоа преживеа


Предвидувањата на британските лекари дека четиригодишното момче ќе умре набргу откако ќе му го симнат апаратот не се остварија, пишува Sky News.

Момчето, познато само по иницијалите Н.Р., е родено со тешка мозочна малформација и помина со месеци на интензивна нега по два срцеви застои. Во април, судијата Најџел Пул одлучи дека останувањето на апарати за одржување во живот не е во најдобар интерес на детето, откако болницата Кингс колеџ побара од Високиот суд да ја направи својата проценка.

Сепак, момчето „не само што преживеа, туку и напредуваше“ откако беше извадено од вентилаторот пред повеќе од четири месеци, рече судијата Пул. Тој додаде дека Н.Р. сега сам дише. „Не се исполнија очекувањата дека за Н.Р. нема да може да се грижат дома и дека нема да живее долго по екстубацијата“, истакна тој.

Мајката: Мојот син има добар живот
Тој објасни дека некои одлуки за лекување биле донесени во јануари оваа година, кога Н.Р „страдал многу повеќе“ и дека имало „малку или никакви докази дека можел да најде некакво задоволство, освен утешниот допир на неговите родители“.

„Сега може да биде изведен надвор, на пример во парк. Може да ужива во сонцето и чувството на ветрот во косата. Живее во дом со љубов“, додаде судијата. Тој нагласи дека му било „задоволство“ да гледа фотографии од момчето дома со неговите родители.

Мајката на момчето во изјавата пред Високиот суд рече дека волјата за живот на нејзиниот син е „силна“ и дека има добар живот. „Н.Р. преживеа кога лекарите и медицинските сестри кои се грижеа за него со месеци мислеа дека не може. Заслужи нов почеток“, заклучила таа.