Британските лабуристи го суспендираа донеодамнешниот лидер Џереми Корбин


Поранешниот лидер на британските лабуристи Џереми Корбин беше суспендиран во четвртокот, неколку часа по објавувањето на остриот извештај од страна на набљудувачот за национална еднаквост и човекови права за антисемитизмот во партијата.

Портпарол на лабуристите изјави дека Корбин, кој ја водеше партијата од 2015 до 2019 година, е суспендиран „во светло на неговите коментари“ како одговор на извештајот на Комисијата за еднаквост и за човекови права и „неговиот неуспех да ги повлече потоа“.

Извештајот, кулминација на 18-месечната истрага започната додека Корбин сè уште беше на функција, заклучи дека Лабуристичката партија е „одговорна за незаконски акти на малтретирање и дискриминација“ и рече дека канцеларијата на лидерот е одговорна за „политичко мешање“ во истрагите за поплаки за антисемитизам.

Во неговиот одговор, издаден кратко време по објавувањето на извештајот, Корбин го призна постоењето на антисемитизам во партијата и дека раководството можеше да дејствува побрзо, но рече дека „обемот на проблемот“ е „драматично преценет“ од страна на политичките противници и медиумите.

Наследникот на Корбин, Кир Стармер, во својот одговор неколку минути подоцна, рече дека секој што тврди дека обвинувањата за антисемитизам се „претеран или фракциски напад“ е „дел од проблемот“ и не треба да биде „никаде во близина на Лабуристичката партија“. Тој го нарече објавувањето на извештајот „ден на срамот“ за лабуристичката партија.

Партијата потоа издаде соопштение во кое се вели: „Во светло на неговите коментари дадени денес и неговиот неуспех да ги повлече последователно, Лабуристичката партија го суспендираше Џреми Корбин во очекување на истрага. Тој исто така е суспендиран од пратеничката група на Лабуристичка партија“.

Корбин – кој останува талисманска фигура за многумина од левото крило на лабуристите – рече дека ќе се бори „силно да се спротивстави на политичката интервенција за моја суспензија“.

„Апсолутно  разјаснив дека оние што негираат дека имало антисемитистички проблем во Лабуристичката партија, грешат. Јас ќе продолжам да поддржувам политика на нулта толеранција кон сите форми на расизам“, рече тој.

Одлуката за негово суспендирање веројатно ќе стане дефинитивен момент за раководството на Стармер. Корбин сè уште командува значителна поддршка меѓу многу членови на партијата и Стармер беше критикуван од некои во партијата за, како што сметаат, прекин на агендата на неговиот претходник. (Политико)