Британија формира работна преговарачка група за идните односи со ЕУ


Британските преговори со ЕУ по Брегзит ќе ги води тим од 40 официјални претставници, т.н. „Работна група Европа“, која ќе му поднесува извештаи на премиерот Борис Џонсон, изјави денеска негов портпарол.

Британија ќе ја напушти ЕУ в петок на полноќ. Потоа почнува преодниот период, во кој ќе продолжат да важат постоечките правила додека не се договорат нови долгорочни односи. Преговорите за нов договор треба да почнат во март, а Британија ветува дека ќе завршат до крајот на оваа година, како што е планирано.

Работната преговарачка група ќе ја предводи Дејвид Фрост, дипломат и поранешен лобист, кој минатата година беше именуван за советник на премиерот за Европа и водеше секојдневни преговори во Брисел околу договорот за Брегзит, кој беше потпишан минатата недела.

Фрост веројатно директно ќе преговара со главниот европски преговарач Мишел Барние.

Неговиот тим вклучува високи претставници од британското Министерство за финансии и за надворешни работи, а ќе соработува и со други министерства за релевантни прашања.