Брисел: Возачот на комбе кој се залета во локали обвинет за обид за убиство


Возачот на комбето коешто во петокот се залета во тераса на кафуле и ресторан на брза храна во центарот белгиската престолнина Брисел, ќе биде обвинет за обид за убиство, јавува новинската агенција Belga.

Белгиското државно обвинителство во саботата го потврди обвинението, но одби да го коментира идентитетот на обвинетиот маж.

Белгиската полиција во петокот во Антверпен го уапси мажот, откако побегнал од местото на инцидентот во кој шест луѓе беа полесно повредени. Во рамките на истрагата се обидува да се утврди дали возачот намерно свртел кон терасата на локалите, поради сомневања дека станува збор за терористички чин.

„Знам дека сите факти потсетуваат и упатуваат на сличните напади коишто ги видовме во странство. Но во овој момент не знаеме со сигурност дали и во овој случај станува збор за нападот“, изјави Вилемиен Баерт, портпаролка на белгискиот јавен обвинител на прес-конференцијата одржана во петокот по апсењето на возачот додавајќи дека можеби станува збор за сообраќајна несреќа.

Возачот во петокот во 13 часот по локално време со комбе се заби во маси и столици на терасите во улицата „Сен-Мишел“, која се наоѓа близу фреквентната трговска улица „Ру Нев“.

Откако белгиското обвинителство одби да го соопшти идентитетот на возачот, телевизијата RTBF јави дека уапсениот маж не бил од претходно познат како екстремист, но поради нејасната заднина на инцидентот, привремено за некои бриселски квартови било подигнато нивото на опасност од тероризам. За време на истрагата, пак, било намалено.