Брисел: Воведувањето „реципрочни царини“ од САД е чекор во погрешна насока


Европската комисија оцени дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување „реципрочни царини“ претставува чекор во погрешна насока.

– ЕУ останува посветена на отворен и предвидлив глобален трговски систем од кој корист имаат сите партнери. ЕУ ги има едни од најниските царини во светот и не гледа причини за зголемување на американски царини за нејзиниот извоз, се наведува во реакцијата на ЕК на одлуката на Трамп.

Во реакцијата се повторува и претходно изнесениот став од претставници на ЕУ дека царините се даноци и дека со нивното воведување САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат трошоците за бизнисот, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата.

– Царините ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари, се додава во соопштението.

Според ЕК, светската трговија доживеала раст во услови на предвидливи, транспарентни правила и ниски царини и во тој правец ЕУ со децении работеше со трговски партнери како САД за да ги намали царините и другите трговски бариери ширум светот, зајакнувајќи ја оваа отвореност преку обврзувачките одредби во трговскиот систем заснован на правила, обврски што сега ги поткопува Вашингтон.

Во реакцијата се потенцира дека ЕУ е една од најотворените економии во светот, при што над 70 отсто од стоките се увозот со без царини, а просечната царинска стапка на Унијата е меѓу најниските на глобално ниво.

– Економската интеграција и отстранувањето на трговските бариери беа фундаментални за успехот на Европската Унија. Ние веруваме во трговски партнерства кои се заемно корисни и избалансирани, засновани на транспарентност и правичност, се додава во соопштението.

Според Комисијата, токму поради овие причини ЕУ има најголема и најбрзо растечка мрежа на трговски договори во светот и има склучено над три пати повеќе трговски договори од САД.

– ЕУ ќе реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и кога царините се користат за оспорување на правните и недискриминаторните политики. ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани тарифни мерки, се потенцира во реакцијата на ЕК на американската најава за „реципрочни царини“.