„Брисел Тајмс“: Бугарското вето за преговорите со С. Македонија ја покажува опасноста од политичкото мешање во историјата
Германија тврдеше дека проширувањето на ЕУ, а особено официјалниот старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, се важен приоритет за нејзиното претседавање со ЕУ, но сепак доби непријатно изненадување од Бугарија, која стави вето на пристапните разговори со Скопје, поради спорот околу јазикот, историјата и наследството, наведува „Брисел Тајмс“.
– Бугарската блокада можеби изгледа неочекувана имајќи предвид дека Владата на Бојко Борисов е една од најблиските сојузници на канцеларката Ангела Меркел во Источна Европа. Иронично, самата Влада на Борисов се фокусираше на „европската перспектива“ на Западниот Балкан кога Бугарија претседаваше со Советот на ЕУ во првата половина на 2018 година. Дури и покрај личното барање на Ангела Меркел, Бугарија и Северна Македонија да ги надминат своите разлики, по можност пред крајот на германското претседателство, брзото решение се чини дека не е на повидок, оценува електронското издание на „Брисел Тајмс“.
Медиумот посочува дека иако многумина ја обвинуваат Бугарија за недостиг на геостратешка визија и за попречување на напредокот на Балканот од себични причини, сепак целиот случај има корени во „кризата на проширување на ЕУ“.
„Брисел Тајмс“ наведува дека Владата на Борисов тврди оти Северна Македонија намерно го крши Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа во 2017 година и кој беше поздравен од највисоките претставници на ЕУ, политичарите и политички аналитичари, а некои експерти дури го нарекоа и „историски“.
– Тогашната високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан беа меѓу најголемите оптимистите: тие сметаа дека договорот е „инспирација за целиот регион“. Германски министер за надворешни работи во тоа време Зигмар Габриел изјави дека фактот што двете земји го потпишаа договорот толку брзо откако Владата на Зоран Заев стапи на должност е „извонреден“ чин и испраќа „важна порака за успешната билатерална и регионална соработка на Балканот”, потестува весникот.
„Брисел Тајмс“ посочува дека иако договорите за пријателство имаат различни форми и големини, овој меѓу Бугарија и Северна Македонија има „прилично чудна одредба“.
– Неговиот член 8 став 2, на кој инсистира Владата на Борисов и кој е во основата на ветото на Бугарија, бара двете земји да формираат „Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со цел да придонесат за објективно, научно толкување на историски настани, засновани врз автентични докази и историски извори”. Како што се чини според јавно достапни информации, оваа одредба се толкува дека експертската комисија треба да постигне заеднички наратив за различни настани од Средниот век до Втората светска војна. Исто така, видливо е дека и двете страни се обидуваат во оваа комисија да ги наметнат своите ставови како крајна историска вистина, смета изданието.
Според брислескиот медиум, настрана од очигледната општоприфатена мудрост дека вистината е релативна и дека истите факти може да се читаат на различни начини, оваа идеја на Бугарија и Северна Македонија, онака како што е замислена, води кон ќорсокак.
– Некои политички аналитичари правеа паралели помеѓу експертската комисија на Бугарија и Северна Макесонија со германско-француската Комисија за учебници, но тоа се чини погрешно. Германско-француската соработка во областа на толкувањето и изчувањето на историјата датира од најмалку од 1935 година, кога се одржа првиот состанок на историчарите од Франција и Германија. Тоа започна како иницијатива на професорите загрижени за непријателските историски наративи за што академските историчари имаа слух, а тие и немаа строг краен рок наметнат од политичарите како што е случајот со Бугарија и Северна Македонија, смета „Брисел Тајмс“.
Според изданието, дополнително, членови на бугарско-македонската експертска комисија не само што излгуваат со различни историски оценки во јавни изјави и интервјуа, туку исто така имаат различни ставови за тоа дали Бугарија и Северна Македонија воопшто имаат заедничка историја.
– Треба е да се напомене дека заедничкиот француско-германски учебник се реализираше дури во 2006 година, по барањето на студенти кои учествуваа на француско-германски младински самит во 2003 година, што го прифатија и француската и германската Влада. Ова само покажува дека патот по кој тргнаа Бугарија и Северна Македонија може да биде долг и тежок, додава весникот.
„Брисел Тајмс“ смета дека доколку Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ја немаше оваа одредба за историјата, Владата на Борисов ќе немаше вистинска алатка за притисок со псевдо-правна основа на која може да се потпре.
– Пред да ја обвините Бугарија за користење на оваа алатка, размислете зошто оваа одредба е дел од Договорот. Одговорноста може да им се припише и на владите на Бугарија и на Северна Македонија, кои се обврзаа да отворат контроверзни историски теми за што не беа подготвени ниту нивните општествата, ниту нивните историчари, смета изданието.
Според „Брисел Тајмс“, француско-германското искуство во овие прашања покажува дека иницијативите може повеќе да дадат плод доколу потекнуваат оддолу нагоре, отколку од горе надолу.
– Се разбира, политичарите можат да придонесат за создавање услови за созревање на општествата за дијалог – од културна размени на студенти, професори и академици, преку заеднички историски конференции, до редовни разговори меѓу здруженија на наставници. Сепак, се чини дека суштината е во трпеливоста, а не во притисокот, заклучува „Брисел Тајмс“.