Брисел подготвува структура што ќе ја наплати штетата од Русија


Европската комисијата  им претстави различни опции на земјите-членки за да се осигура дека Русија ќе одговара за злосторствата и штетите направени за време на војната во Украина. Комисијата предлага да се создаде нова структура за управување со замрзнатите и имобилизирани јавни руски средства, да ги инвестира и да ги користи приходите за Украина.

Комисијата, иако продолжува да ја поддржува работата на Меѓународниот кривичен суд и  е подготвена да работи со меѓународната заедница на формирање ад хок меѓународен трибунал или специјализиран „хибриден“ трибунал за истрага и гонење на руските злосторства при агресијата.Украина, како и 14 земји-членки веќе започнаа истраги за меѓународните злосторства извршени од Русија и тие се поддржани од Европравда преку заеднички истражни тимови.

Сите земји-членки на ЕУ се страни во Меѓународниот кривичен суд (МКС) и ЕУ целосно го поддржува МКС во неговите истраги за воени злосторства и злосторства против човештвото. Бидејќи  Русија не ја прифаќа јурисдикцијата на МКС, тоа значи дека кривичното дело агресија, кое е кривично дело извршено од највисокото политичко и воено раководство, не може да се гони од МКС.Ова е причината зошто Комисијата предлага алтернативни опции за да се осигура дека правдата е задоволена:

Така, се предлага формирање специјален независен меѓународен трибунал заснован на мултилатерален договор или да се воспостави специјализиран суд интегриран во националниот правосуден систем со меѓународни судии – хибриден суд. За двете опции, силната поддршка од Обединетите нации би била од суштинско значење.

Русија и нејзините олигарси мора исто така да ја надоместат Украина за штетата и уништувањето што се предизвикува. Во март 2022 година, ЕК формираше работна група „Замрзнете и одземете“ за да обезбеди координација на активностите на земјите-членки на ниво на ЕУ. Со нејзина помош, земјите-членки на ЕУ замрзнаа 19 милијарди евра имот на руските олигарси. Околу 300 милијарди евра од резервите на руската централна банка исто така се блокирани во ЕУ и другите партнери од Г7.

За да се искористи максимумот од овие средства и да се започне со обнова на Украина веќе сега, Комисијата предлага на краток рок да се формира структура за управување со замрзнатите јавни средства, а профитите да бидат искористени за Украина. Долгорочно, откако ќе се укинат санкциите, ќе треба да се вратат средствата на Централната банка. Ова би можело да се поврзе со мировен договор, кој  ќе ја компензира Украина за штетите што ги претрпе. Средствата што ќе треба да се вратат, би можеле да се надоместат со оваа воена репарација.