Бримора: Ситуацијата е многу динамична, приоритетите можат да се сменат
Според Викторија Трајков три земји ни даваат поддршка за ЕУ, а една од нив е САД. Според Милошоски исто толку нѐ блокираат

Полскиот амбасадор во Македонија, Мариуш Бримора, денес ги преставуваше приоритетите на за претседателствување со Европската унија, но ниту еднаш не ги спомена уставните промени. Забележувајќи дека поддршката за ЕУ опаѓа во земјата и според последните анкети е 62 отсто, тој ги повика сите да дојдат во Полска и да ја видат разликата откако станаа земја членка на Унијата.
Според него, за таа разлика покрај членството во ЕУ и финансиската помош што следи придонело и тоа што Полјаците решиле да ги преземат работите во свои раце, така што 70 отсто од БДП сега го создаваат мали и средни претпријатија.
За да ги увери пратениците на седницата на Националниот совет за евроинтеграции дека проширувањето е пореално сега од претходно, тој рече дека овој процес може значително да придонесе за безбедносните цели на Европа и дека ширењето на ЕУ кон Западен Балкан и на истокот ја зацвстува ЕУ како целина. Иако самиот забележа дека половина од претседателствувањето веќе помина, тој искажа подготвеност на Варшава да го води процесот напред, цитирајќи ја притоа еврокомесарката Марта Кос која планира да затвори меѓу 100 и 200 преговарачки поглавја со земјите со кои процесот не е блокиран.
Сепак, место оваа тема да е во фокусот, расправата во најголем дел се однесуваше на трансатлантските односи, односно околу темата – дали сме за САД или за ЕУ, со пратеникот на Левица Реџеп Исмаили кој нападно побара да се почитуваат политичките разлики во парламентот, амбасадорот да не настапува со „русофобска“ реторика туку да биде „неутрален“ и Русија да не се нарекува агресор, бидејќи се борела да го запре напливот на фашизам во Европа. На тоа Бримора одговори дека, за жал, Полска и земјите членки на ЕУ не се согласуваат со тој став.
И наспроти Исмаили, кој беше гласен, говорниците од владејачката партија се криеја зад потребата од добри односи со САД и зад трансатлантскиот дојалог за да ја оправдаат двојната политика што ја водат кон воената агресија врз Украина и кон ЕУ. Најпрво Антонио Милошоски побара Полска и другите земји членки што поскоро и поуспешно да го воспостават транатлантскиот дијалог, бидејќи тој е важен за сите нас, посочувајќи дека на дилемата „за кого сте“ најдобар одговор сега е дека сме за „Доналд“ (Трамп и Туск).
Пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги нарече лажни вести и дезинформации реакциите околу нашата надворешна политика и евроинтеграцијата, порачувајќи дека како политички субјекти сите имаат одговорност што споделуваат и какво јавно мислење креираат, особено во вакви деликатни моменти.
Нејзината реакција се однесуваше на обраќањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој го нарече сериозна грешка гласањето околу резолуциите за Украина во ОН кога Македонија нападно ја смени страната и се престрои кон САД, иако политиката на Вашингтон сега не наидува на поддршка во повеќето земји на Европа. Филипче, исто така, опиша како Полска со интензивна работа, со претприемачки дух и со визија стигна дотаму да ја стигне со развојот Јапонија, нешто на што му се смееле на полскиот претседател Лех Валенса кога проценил дека тоа ќе се случи во иднина. А, потоа забележа дека за разлика од Полска, во Македонија „ништо не мрда“ околу реформска агенда што е усвоена и треба да се остварува и дека ниту еден закон што е предвиден за усвојување во овој период не е во процедура во Собранието.
„Можеме да очекуваме поддршка, но на крајот работите најмногу зависат од нас“, рече Филипче посочувајќи на скандалозното гласање во ОН и на изјавата на Виктор Орбан по меѓувладината седница, според кој некоја утешна награда треба да ни биде партнерството со Унгарија и со Србија, поради застојот кон ЕУ.
„Стравот од натамошни блокади треба да го трансформираме во храброст. Нема зошто да се плашиме“, порача Филипче.
Заменик-министерката за евроинтеграција, Викторија Трајков, тврдеше дека не е точно дека не се работи на реформската агенда, при што спомена дека нашата држава прва потпишала за исплата на првите 7 отсто од парите што треба да стигнат од ЕУ во рамките на Планот за раст. Набројувајќи ги земјите што ни дале поддршка околу евроинтеграцијата таа ги спомена само Полска, Унгарија и САД!
Генерално, амбасадорот Бримора посвети најголемо внимание на безбедносните предизвици во Европа при што порача дека ситуацијата е толку динамична и променлива што, кој и што и да е приоритет – може брзо да се смени. Според него, руската воена агресија покажува знаци на слабост и целта на ЕУ е да ја оттурне оваа земја надвор од Украина. Русија мора легално и законски да одговара за војната, рече тој, дополнувајќи дека Варшава бара целосно да се искористат блокираните руски пари бидејќи европските граѓани немаат зошто да плаќаат за уништувањата на руските сили. Тој ги спомена плановите што ги прави забрзано ЕУ за зголемување на својата безбедност, вклучувајќи го и планот Sky Shield за заштита на небото. Околу односот кон САД тој рече дека Полска и генерално ЕУ сакаат постојан и континуиран дијалог и дека не може да се дозволи луксузот од вклучување во вакви судири кога е загрозена трансатлантската безбеност. „Нема ова или она“, рече Бримора за наметнатиот избор САД или ЕУ.
Конкретно околу Македонија тој најави посета на премиерот Христијан Мицкоски и на спикерот на Собранието Африм Гаши на Варшава и ја повтори понудата за поддршка на патот за евроинтеграцијата за да ни ги пренесат искуствата, покрај твининг проектот што веќе се спроведува.
Откако ги набројаа (трите) земји што не поддржуваат (од кои една надвор од ЕУ, а другата неомилена), во стилот на ВМРО-ДПМНЕ на вечно барање виновници и изговори, Милошоски ги наброја и тие што нѐ кочат на патот до Унијата. Притоа го цитираше твит на премиерот Туск дека „вистинско лидерство значи респект за партнерите и сојузниците, дури и за помалите и послабите и никогаш ароганција“, кое е упатено очигледно до Трамп, по фронталниот напад Илон Маск и Џеј Ди Венс на полскиот министер за надворфешни работи, Радослав Сикорски, но тој го искористи за да посочи на „две до три“ земји кои место повеќе почит, покажуваат повеќе ароганција кон нашата држава. (С.Ј.)