Брегзит: Нема ЕУ, нема сендвичи за Британците
Новите правила по Брегзитот стапија на сила и на изненадените британски возачи овие денови на влегувањето во Европската унија холандската полиција им ги запленува сендвичите, објави во вторникот BBC.
На снимките од холандските телевизии кои ги емитуваа британскиот јавен сервис и другите медиуми, се гледа како граничната полиција им ги објаснува на возачите правилата за увоз воведени откако Велика Британија официјално истапи од Европската унија.Според тие правила, патниците кои влегуваат во ЕУ не може да внесуваат месо и млечни производи. Но, очигледно тоа ги збунило возачите.
„По Брегзитот повеќе не можете во Европа да внесувате одредени видови храна, како што се месо, овошје, зеленчук, риба и такви продукти“, му вели холандски граничен полицаец на британски возач во прилогот на телевизијата NPO1.
Во делот од прилогот се гледа како полицаец го прашува возачот дали во пакуваниот сендвич има месо. Кога возачот потврдно одговара, полицаецото вели „Во ред, ќе ви го земеме“.Изненадениот возач потоа прашува дали може барем да го задржи лебот на што полицаецот му вели „Не, сѐ ќе земеме“ и саркастично додава- „Добредојдовте во Брегзит, жал ми е“.