Бреговиќ со порака до македонската публика: На 23 март кој нема да полуди, тој не е нормален!
„Здраво на сите во Македонија, јас сум Горан Бреговиќ. На 23 март во СЦ „Јане Сандански“ ќе свирам добар концерт со мојот Оркестар за свадби и погреби. Ќе биде забавно, ќе свирам сешто – и ново и старо, ќе биде лудо – ‘Кој нема да полуди, тој не е нормален’“, вели славниот музичар во својата порака до македонската публика.
Скопскиот концерт е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните Бијело дугме и на само еден ден по прославата на 74. роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок легенда на балканските простори.
Славеничкиот концерт ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“, а интересно е дека вечерта на истата сцена ќе застанат и членовите на Леб и сол баш онака како некогаш. Имено, во далечната 1977 година Леб и сол и Бијело дугме прв пат застанале на иста сцена, и тоа во Скопје, но не и последен, зашто следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, после речиси 47 години следува реприза, но не како тогаш на Градски стадион, туку во СЦ „Јане Сандански“. 60-минутниот настап на Леб и сол ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ.
Бијело дугме, пак, е основано во Сараево во 1974 годна со тогашниот вокал Жељко Бебек, тапанарот Ипе Ивандиќ и клавијатуристот Владо Правдиќ. Првиот албум „Кад би био бијело дугме“ им донесе голема популарност поради мешањето на хард рок музиката со балканскиот фолк. Бреговиќ денес живее во Париз и е еден од најпознатите светски музичари. Има настапувано во најпрестижните сали како „Ројал Алберт хол“ и „Карнеги Хол“, а пишува и филмска музика, свет во кој влезе по Бијело Дугме. Особено впечатливи се неговите соработки со Емир Кустурица.