Бред Пит во нов трилер на режисерот на „Конклава“


Лос Анџелес – Режисерот на филмот „Конклава“, Едвард Бергер работи на нов филм. Станува збор за трилер според романот „The Riders“ (Јавачи) од 1994 година, од австралискиот писател Тим Винтон. Според Семрежната филмска база на податоци, еднствениот засега потврден глумец во проектот е Бред Пит. Останатите актери сè уште се избираат.

Тој, имено, треба да го глуми главниот лик Фред Скали. Снимањето треба да почне на почетокот на 2026 година и ќе се одвива на повеќе локации низ Европа. Филмот ќе биде финансиран и дистрибуиран од „А24“. Сценариото е на Дејвид Кајганиќ, напишано врз основа на книгата. Заплетот на романот го следи Фред, Австралиец кој се сели во Ирска со сопругата Џенифер и ќерка му Били, во купена стара селска куќа. Потоа животот на Скали се распаѓа по ненадејното и неочекувано исчезнување на неговата сопруга.

Засега не се знае датумот на кино-премиерата на филмот.

Неодамна беше официјално објавено дека Бред Пит ќе глуми во продолжението на „Си беше еднаш во Холивуд“ (Once Upon a Time in Hollywood). Инаку, првиот филм од 2019 година, којшто му донесе „Оскар“ за споредна улога на Бред Пит, е режиран од Квентин Тарантино. Овојпат, откако ќе го напише сценариото за продолжението, Тарантино ќе му ја предаде режисерската должност на Дејвид Финчер.