Бразилската војска подготвена да ја одбрани Амазонија


Бразилската војска е подготвена да ја одбрани прашумата Амазонија, изјави денеска командантот на вооружените сили на Бразил, Едисон Леал Пужол, додека се зголемува меѓународниот притисок врз земјата и се бара поголема акција во борбата против шумските пожари.

– Војниците секогаш ќе бидат подготвени да бранат и одбиваат секаков вид закана, рече Пажол на одбележувањето на Денот на војниците во Бразил.

Францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш претходно на Твитер изразија загриженост поради рекордниот број пожари што ја зафатија Амазонија.

Макрон предупреди дека пожарите претставуваат „меѓународна криза“ и ги повика членките на Г-7 да разговараат за ова прашање на самитот во Бијариц, Франција, овој викенд.

– Нашата куќа е во пламен. Буквално. Гори Амазонија, белите дробови на планетата кои произведуваат 20 отсто кислород. Тоа е меѓународна криза. Членки на Г-7, се гледаме за два дена кога ќе разговараме за овој проблем, напиша францускиот претседател на Твитер.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро рече дека земјите кои донираат пари за заштита на шумите во Амазонија не го прават тоа од „милост“, туку за да се мешаат во суверенитетот на Бразил.

– Земјите кои праќаат пари не го прават тоа од милост. Тие праќаат пари за да се мешаат во нашиот суверенитет, рече Болсонаро на Фејсбук.