Лејди Гага настапи пред 2 милиони луѓе на Копакабана. Бразилската полиција спречила масакр


Леди Гага 2018

Бразилската полиција денес објави дека спречила планиран бомбашки напад на историскиот концерт на Лејди Гага, на кој синоќа присуствуваа повеќе од два милиони луѓе на Копакабана во Рио де Жанеиро.

Државната полиција на Рио де Жанеиро, во соработка со Министерството за правда, објави дека заговорот бил организиран од група која пропагира говор на омраза и работи на радикализирање на тинејџерите, промовирајќи самоповредување, како и насилна содржина како форма на општествена припадност.

Според градското собрание на Рио, на концертот на американската поп-ѕвезда присуствувале 2,1 милиони луѓе. „Осомничените регрутирале учесници, вклучувајќи и малолетници, за координирани напади со употреба на импровизирани експлозиви и молотови коктели“, соопшти полицијата.

Министерството за правда објави дека организаторите на нападот се претставиле како членови на глобалната база на обожаватели на Гага, познати како „малите чудовишта“.

Полицијата ја спроведе операцијата врз основа на извештај добиен од лабораторијата за сајбер операции на Министерството и по дојава од Службата за разузнавање на полицијата на државата Рио, која откри дигитални ќелии кои поттикнуваат насилно однесување кај тинејџерите користејќи кодиран јазик и екстремистички симболизам.

Маж опишан како водач на групата беше уапсен во јужната држава Рио Гранде до Сул за нелегално поседување огнено оружје, додека тинејџер во Рио де Жанеиро беше приведен откако во неговиот компјутер беше пронајдена детска порнографија.

Властите извршија повеќе од десет налози за претрес и заплена во државите Рио де Жанеиро, Мато Гросо, Рио Гранде до Сул и Сао Паоло.

„Вечерва создаваме историја… Ви благодарам што бевте дел од тоа со мене“, изјави Лејди Гага пред врескачката толпа во бразилската културна престолнина.

Мајка Чудовиште, како што ја нарекуваат нејзините обожаватели, го започна концертот околу 22:10 часот по локално време со песната „Bloody Mary“ од 2011 година. Таа ги изведе и своите најголеми хитови како „Poker Face“ и „Alejandro“, а за време на настапот смени и бројни костими, вклучувајќи и фустан во боите на бразилското знаме.

 

Некои обожаватели, претежно млади, дојдоа на плажата во зори за да си обезбедат добро место. Тие го поминаа целиот ден под силното сонце, додека некои дури и се качуваа по дрвја за да имаат подобар поглед.

„Денес е најдобриот ден во мојот живот“, рече Маноела Добес, 27-годишна дизајнерка која носеше фустан со фотографија направена кога ја запознала Лејди Гага во Соединетите Држави во 2019 година. „Не можам да верувам дека сум тука.“ Денот пред концертот, обожавателите ја гледаа пробата на Гага на Копакабана.

Минатата година, Мадона ја претвори истата плажа во огромен подиум за танцување со својот бесплатен концерт на таа иконска локација покрај морето.