„Брат ми брка диносауруси“ – филм за најмладите во кината


Во кино „Милениум“ викендов (сабота и недела) од 13 часот и во Кинотеката вечер од 18 часот ќе се прикажува филмот „Брат ми брка диносауруси“ наменет, пред сè, за најмладата публика. Снимен е според бестселерот на Џакомо Мацариол и ја освои наградата за најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година.

Станува збор за италијанска продукција во режија на Стефано Ципани. Во филмот игра и шпанската актерка Роси де Палма, муза на славниот режисер Педро Алмодовар.

Филмот е приказна за двајца браќа, постариот Џек и помалиот Џио, кој станува суперхерој со волшебни моќи во имагинацијата на неговиот поголем брат, како што се суперхероите од стриповите.

-Со време Џек ја дознава вистината: неговиот брат има Даунов синдром, и одлучува ова да го чува како тајна…, соопшти дистрибутерот на филмот „Катавеј“.

Дистрибуцијата е помогната од ANICA – италијанско здружение кое ги претставува италијанската филмска и аудиовизуелна мултимедијална индустрија.