„Брако“ ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен

Компанијата „Брако“ ќе претстави ново електрично возило од својот бренд „Грин машинс“ на светскиот саем ИФАТ, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на „Брако“ и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси. Овој модел беше најавен како концепт на саемот ИФАТ во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа.