“Браќа Манаки“ со хибридно издание, Бергер, Кончаловски и Северџан -лауреати


Годинешниов 42. Интернационален фестивал на филмска камера “Браќа Манаки“ ќе има скратено хибридно издание кое ќе се одржува од 16 до 21 септември во Битола под мотото “Покрај се“ и во знакот на протоколите за заштита од Ковид-19. Според директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски, кој на оваа функција е од мај годинава, на 42. ИФФК “Браќа Манаки“ програма ќе биде скратена поради намалениот буџет, но ќе има гости.

„Во официјалната конкуренција ќе има десет долгометражни и исто толку краткометражни филмови. Ќе биде одржана и ревија на македонски документарни филмови насловена „Бисери на македонската документаристика“, кои ќе бидат прикажани на Македонската телевизија. На самиот фестивал ќе биде присутен и лауреатот за животен опус и добитникот на наградата “Златна камера 300“, австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, а се очекува и присуство на Жоселин Пук, композиторка на музиката за филмовите на Кјубрик и Скорсезе. Вториот награден лауреат светски познатиот руски сценарист, режисер и продуцент Андреј Кончаловски ќе биде присутен со видеопорака“, вели Дамевски.

Претседателот на ДФРМ Игор Иванов, селекторот Слаѓан Пенев, директорот на ИФФК “Браќа Манаки“ Симеон Дамевски и селекторот Даријан Пејовски

Тој посочува дека реализирањето на овој фестивал е од исклучителна важност.  “Фестивалот има за цел промовирање и популаризирање на македонската филмска култура и културното наследство во светот, како и во нашата земја. Ова е особено битно во моментот кога македонската кинематографија се наоѓа во едно златно доба. Никогаш во историјата на нашата кинемоатографија не сме имале толку успешни проекти еден по друг во последните години. Речиси и да нема година кога наш филм не игра на светски познатиот и реномиран фестивал Санденс, имаме филмови номинирани за Оскар, но и оние кои играат во официјална конкуренција на Берлинскиот фестивал. Годинава имавме и краткометражен филм во конкуренција на Канскиот филмски фестивал и долгометражен филм кој освои награда на Карлови Вари…. Затоа и значењето на фестивалот пред светот е голема и тој треба да се одржи“, истакнува Дамевски. Тој додава дека и една од целите беше “Браќа Манаки“ да биде вратена на Битола. Инаку, големите настани ќе бидат организирани на отворено, а отворањето ќе се случува во пациото на Музејот во Битола.

Според Слаѓан Пенев филмовите селектирани во програмата на годинешнава компетиција Камера 300 нудат тематска, стилска и културна разновидност.

„Се обидовме да вклучиме дела со висока естетика, дела кои ќе се обраќаат до широката публика“, посочи Пенев. Публиката ќе има можност да види десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и Карлови Вари. Од нив седум се европски филмови, два се азиски филмови и еден е африкански филм. Меѓу нив се: „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ во режија на Јухо Куосманен, тандемот Паси-Куосманен ќе биде дел и од овогодишната компетиција со филмот „Купе бр.6“, а ќе ги видиме и филмовите  „Белжика/Belgika”, на режисерот Феликс Ван Гронинген, филмот  „Tитан/Titane“, во режија на Жулиа Дукорно, „Најлошата личност на светот “, кој е всушност последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер…

Во рамките на краткометражната програма пак, ќе бидат прикажани филмовите “Кукла“ – Литванија, “Стефани“ – Белгија, “Во почвата“ – Данска, „Сона“ – Иран, “Крај на страдањето“ – Грција…, како и филмови од Португалија, Литванија, Перу, Италија и македонскиот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска.

“Не е тајна дека филмската дејност на глобално ниво, последниве две години претрпе силен удар – како во самата продукција, така и во, можеби, нејзиниот  најсилен адут – допирот со публиката и заедничкото доживување на филмското дело. Tокму од овие причини, особено ми е драго што овогодишната краткометражна натпреварувачка програма на ИФФК „Браќа Манаки“ докажува дека филмот има иднина, и како никогаш до сега, приказните се храбри, инвентивни и бескомпромисни“, истакна на вчерашната прес-конференција Даријан Пејовски.

„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за Северџан Бајрам

Годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Друштвото на филмски работници на Македонија е Северџан Бајрам. Тој е филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, познат по филмовите Џипси Меџик (1997), До балчак (2014) на Столе Попов; „Црна мачка, бел мачор“ (1998) и “На млечниот пат“ (2016) на Емир Кустурица; “Како убив светец“…(2004) на Теона Стругар Митевска; „Трето полувреме“ (2012) на Дарко Митревски…

Според Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ, разноликоста во државава е всушност тоа со кое треба да се гордееме.

„Нашето најголемо богатство е таа разноликост на култури и етникуми кои ги имаме, а по мое видување и во доменот на уметноста онаа што предничи е секако ромската“, вели тој.