Божиновска ја посети Хидроелектраната Вруток


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети Хидроелектраната Вруток, во рамки на нејзините заложби за редовна проверка на сите енергетски капацитети во земјата.Оваа посета е дел од континуираните активности на Министерството за следење на состојбата на клучните енергетски објекти и подобрување на нивната ефикасност.

ХЕЦ Вруток, како најголема електрана во рамки на Мавровскиот хидроенергетски систем, игра стратешка улога во македонскиот електроенергетски систем. Со инсталирана моќност од 165,6 MW и просечно годишно производство од 350 GWh, Вруток е клучен фактор во обезбедувањето стабилност на снабдувањето со електрична енергија.

„Континуираниот надзор и инвестиции во хидроелектраните се суштински за енергетската безбедност на земјата.Нашата цел е да ја зголемиме ефикасноста, сигурноста и одржливоста на хидропотенцијалот што го имаме.Мавровскиот хидроенергетски систем е столбот на обновливото производство на електрична енергија во Македонија, и затоа е важно да се одржува со највисоки стандарди“, изјави министерката Божиновска.

И покрај предизвиците со ниската кота на Мавровското Езеро (2,74 m под нивото од 2023 г.), преку реорганизација и оптимално планирање, ХЕС „Маврово“ постигна производство од 493,27 милиони kWh во 2024 година – за 28% над планот. Ова придонесе за стабилно снабдување со енергија во земјата и задоволување на потребите во периоди на врвна потрошувачка.

Мавровскиот хидроенергетски систем, кој покрај ХЕЦ Вруток ги опфаќа и ХЕЦ Равен и ХЕЦ Врбен, со вкупна инсталирана моќност од 200 MW и годишно производство од околу 450 GWh, претставува еден од најголемите и најсложените во земјата. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 километри квадратни од планининските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со акумулација од 275 милиони кубни метри вода, овој систем е од критично значење за енергетската одржливост и балансирање на производството од обновливи извори

Во текот на посетата, министерката Божиновска се запозна со тековните активности за одржување и планираните инвестиции во модернизација на постројките.Во последните декади, системот беше предмет на три фази на ревитализација, со вкупна инвестиција од преку 60 милиони евра. Последната фаза од ревитализацијата, завршена во 2014 година, овозможи зголемување на инсталираната моќност за дополнителни 18,58 MW и годишното производство за 40 GWh. Дополнително, ревитализацијата придонесе за намалување на емисиите на CO₂ за 36.400 тони годишно.

Во наредните години, се планира реализација на третата фаза на ревитализација, Овие активности ќе осигурат продолжување на животниот век на објектите, зголемување на нивната сигурност и стабилност, како и дополнителни економски придобивки. Дополнителни приходи од околу 2,5 мил. евра од зголеменото производство и околу 2,5 мил. евра од системски балансни услуги.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со стратегијата за развој на хидроенергијата, а во наредниот период се предвидени нови инвестиции за зголемување на ефикасноста на постоечките капацитети и подобрување на нивната стабилност.Со вакви активности, Министерството го потврдува својот фокус на енергетската транзиција и одржливо производство на електрична енергија.