Борисов повторно ќе слави Илинден во Скопје


Бугарскиот премиер Бојко Борисов, в четврток, доаѓа во нашата држава за да, заедно со нашиот премиер Зоран Заев, заедно се поклонат на гробот на Гоце Делчев и да го прослават празникот Илинден.
Според информацијата во бугарските медиуми Борисов ќе присуствува само на церемонија во црквата Свети Спас и нема да присуствува на Мечкин Камен, а посетата ќе ја продолжи во Дојран каде што се наоѓа обновениот споменик на Константин Каварналиев бугарски офицер за кој деновиве реагираше Единствена Македонија, тврдејќи дека споменикот е донесен за таа цел од Бугарија и дека  не заслужува да биде во нашата држава.
Ова е вторпат Борисов да доаѓа на заедничка прослава на Илинден, и вторпат тоа да го прави ден порано и надвор од Мечкин Камен.
Бугарските медиуми, сепак напишаа дека со Заев ќе го слави и Гоце Делчев како заедничка историска личност. Притоа се потсетува на политичките препукувања околу Делчев неодамна и на изјавата на претседателот Стево Пендаровски околу тоа како се изјаснувал национално големиот револуционер и за што се борел. До Софија не стигна и нотата на Заев заради навредливото именување од страна на Борисов на нашите граѓани како Северномакедонци неодамна, што беше потоа оправдано како ненамерна грешка.  

Според најавите, Борисов и Заев ќе одржат билатерална средба за да разговараат за напредокот во соработката на билатерален и мултилатерален план откако пред две години е потпишан Договорот за пријателство и за соработка.
Борисов има договорена средба и со претседателот Пендаровски кој  со бугарскиот премиер по последната средба очигледно има добри односи и не само што му се обраќа на ти, туку и со „љубави“. Со оглед на повиците за инциденти на Мечкин Камен против преставниците на актуелната власт, посетата на Борисов сепак ќе биде на втор план.