Борисов и ГЕРБ ги создадоа германските конзервативци

Познатиот германски новинар Михаел Мартенс тврди дека Борисов и неговата партија се продукт на фондацијата на Христијанско-социјалната унија


 

Добриот познавач на балканската политика и долгогодишен дописник за Југоисточна Европа на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мартенс, тврди дека Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ биле лансирани во бугарската политика со помош на Фондацијата „Ханс Зајдел“ на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која е во политичка унија со Христијанско-демократската партија ЦДУ.

Парламентарните партии во Германија имаат свои фондации. Средствата со кои работат доаѓаат од даночните обврзници, а нивната висина се одредува во зависност од резултатите од последните три парламентарни избори во Германија. Или грубо кажано, се земаат предвид последните 12 години.

Во разговор за бугарската редакција на Дојче веле, Мартенс го објаснува начинот како дошло до промоцијата на Борисов.

„Во Бугарија првпат дојдов пред 2002 година и на една од моите први средби го запознав господинот Волфганг Глезкер, тогашниот директор на ‘Ханс Зајдел’. Тој ми рече дека во оваа земја има голем политички талент кој, всушност, може да направи разлика. Тоа беше господинот Борисов, во тоа време главен секретар на Министерството за внатрешни работи, кој, според него, не е проруски настроен. Глезкер, кој барал партнер, го опиша како ‘еден вид политичко животно’ (според Аристотел). И иако не ми кажа директно, добив впечаток дека Фондацијата ‘Ханс Зајдел’ верува дека овој човек ги споделува нашите вредности.

Сигурно дека така ѝ е кажано на фондацијата. Борисов знаеше како да ја одигра играта. Глезкер беше првиот кој го разбра неговиот потенцијал, имаше блиски односи, посети во Минхен итн. Во извесна смисла, Борисов е политички гениј и нема потреба од блефирање, но му помогна тоа што имаше меѓународни партнери“, вели Мартенс.

Според него, работата на политичките фондации во Германија никој не ја следи. „Повеќето луѓе можеби слушнале за фондации, но не знаат што точно работат, особено во странство. Мислам дека ова претставува цел процес, треба да се запрашаме – кои се нашите партнери и дали навистина придонесуваат за демократизација на земјите. А вистинските проевропејци, оние кои веруваат во Европа, не велам лево или десно, можеби ќе се запрашаат како врзувањето со погрешна партија ќе влијае на вашиот имиџ кај локалното население“, вели Мартенс и го наведува примерот со фондацијата на либералите „Фридрих Науман“ која е поврзана со партијата на Турците во Бугарија, ДПС.

Мартенс открива дека „Фридрих Науман“ неодамна ја прекинале соработката со ДПС (таа е во либералната група во Европскиот парламент) поради тоа што во нејзините редови го има озлогласениот пратеник и бизнисмен Делјан Пеевски. „Во еден претходен разговор пред неколку месеци ми беше кажано дека е контрапродуктивно сликата за германската демократија во Бугарија да се поврзува со Делјан Пеевски и дека тоа треба да се прекине порано отколку подоцна. Ако Фондацијата ‘Фридрих Науман’ вели дека ДПС е нивен партнер, дали ова ја зголемува довербата дека германските институции поддржуваат демократски промени? Или точно е спротивното?“

Тој смета дека за Бугарија е многу полошо што засега не ги добива милијардите евра од фондот на ЕУ отколку што не влезе во Шенген.

„Мојот впечаток од разговорите со дипломатите во Бугарија и некои луѓе во Берлин е дека најефективната алатка за реформи можеби не е Шенген, туку 6,3 милијарди евра што Бугарија ги очекува од Механизмот за закрепнување и одржливост. Услов за нивно добивање е да се донесат 22 закони. Идејата е дека овие средства ќе се слеваат во Бугарија само доколку земјата спроведе одредени реформи, вклучително и воведување одговорност на јавниот обвинител. Ова се смета за поефективно“, вели Мартенс.