Борел најавува политички и финансиски санкции за Косово и Србија ако не ги смират тензиите
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел, рече дека земјите членки на Европската унија се подготвени да преземат дополнителни мерки против Косово и Србија доколку нема напредок во деескалација на ситуацијата. Борел рече дека мерките на земјите-членки ќе бидат политички и финансиски. Според него, последната средба одржана во Брисел останала без непосредни
резултати.
„Земјите-членки ја истакнаа својата загриженост од континуираната тензија во
северниот дел на Косово и ја истакнав важноста на страните да не ја ескалираат
ситуацијата и да се усогласат со декларацијата на земјите членки од 3 јуни.
Го поздравуваме ослободувањето на тројцата косовски полицајци кои беа приведени во
Белград. Земјите-членки ќе преземат мерки, доколку е потребно, за зголемување на
влијанието на ЕУ за да го поддржат дијалогот за нормализација на ситуацијата“, рече Борел
на прес-конференција по средбата со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Борел инсистира да се одржат нови избори во четирите северни општини на Косово, но под услов во нив да учествуваат косовските Срби.
„Двете страни мора да покажат подготвеност за исполнување на обврските од дијалогот.
Земјите-членки се подготвени да преземат дополнителни мерки доколку нема
напредок. Очекуваме европско однесување од земјите кои бараат да бидат дел од ЕУ. Во наредните денови ќе продолжиме со нашите контакти со двете земји. Можеме да разгледаме политички мерки за ограничување на политичките контакти, како и финансиски мерки. Им кажав на земјите-членки дека мерките треба да бидат
пропорционални и реверзибилни“, рече Борел.