Борел: ЕУ не го признава Лукашенко, се подготвуваат санкции


 

Европската Унија не го признава Александар Лукашенко за претседател на Белорусија и подготвува санкции против функционерите на владејачкиот режим во таа земја, рече денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

„Сметаме дека изборите од 9 август не беа чесни и не го признаваме Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија“, рече Борел на расправата на пленарната седница на Европскиот парламент во Брисел.

„Во моментот носиме санкции за значителен број одговорни за насилство, репресија и фалсификување на изборните резултати“. додаде тој.

Санкциите треба да бидат усвоени пред Европскиот самит на 24 и 25 септември во Брисел, ако ЕУ сака да ја задржи кредибилноста, смета Борел.

Веројатно одлуката ќе биде донесена во понеделник на состанокот на министрите за надворешни работи на Еу во Брисел.