Борбата против корупцијата и јавната админстрација со најмногу минуси кај германските компании во земјава


 

Германските компании кои што работат во Македонија, најмногу забелешки и натаму имаат за борбата против корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација, а како еден од најголемите проблеми ги посочуваат високите трошоци за енергија недостигот од квалификувана работна сила. Од друга страна, тие во целина позитивно ја оценуваат деловната клима, а 80 отсто од компании во традиционалната анкета на Делегација на германското стопанство во Северна Македонија одговориле дека сакаат да прошират ги инвестициите, како и да го зголемат бројот на работните места во земјава.

АХК Северна Македонија како дел од германските стопански комори во светот и Македонско-Германското стопанско здружение веќе 20 години ја спроведуваат анкетата за деловната клима во земјата. Со оваа анкета компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение ги оценуваат условите и шансите за инвестирање во Северна Македонија. Од резултатите може да се добие слика како германските инвеститори ја оценуваат атрактивноста на Северна Македонија во однос на условите за инвестирање во споредба со конкуренцијата.

Од анкетата за деловната клима за 2023 година, што беше презентирана денеска во Скопје, може да се заклучи дека компаниите повторно со позитивни оценки ја оценуваат сопствената деловна состојба, иако оценката која ја доделуваат за општата економска состојба е помалку позитивна. Така, 22 отсто од анкетираните компании својата моментална деловна ситуација ја оценуваат како добра, додека дури 31 отсто од анкетираните компании очекуваат да има подобрување во текот на оваа календарска година, што е 11 отсто повеќе отколку во истражувањето спроведено во 2022 година.

Зголемен е и процентот на оние кои оваа година очекуваат подобрување на деловните резултати во сопствената компанија. Речиси половина од анкетираните компании, односно 47 отсто очекуваат зголемување на продажбата, додека пак 22 отсто очекуваат пад на продажбата.

Позитивен тренд има во продажбата наменета за извоз, дури 39 отсто од анкетираните очекуваат зголемување на извозот во 2023 година, во споредба со 2022 година кога биле само 28 отсто.

Со оваа анкета компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение ја потврдуваат својата подготвеност за нови инвестиции и отворање на нови работни места.

Третина од анкетираните компании сакаат да ги прошират своите инвестиции во Северна Македонија. Тоа е за 10 отсто повеќе во споредба со 2022 година. Овој позитивен тренд се забележува и во однос на новите работни места. Само 11 отсто од анкетираните очекуваат да го намалат бројот на работни места во тековната година.

Позитивните очекувања на анкетираните компании имаат уште поголемо значење кога ќе се погледнат факторите кои предизвикуваат ризик во стопанството. 71 отсто од анкетираните компании сметаат дека зголемувањето на цените на енергијата е еден од најголемите ризици за развојот на нивната компанија.

Во однос на оценките за атрактивноста на Северна Македонија, анкетираните компании се задоволни од квалификацијата и продуктивноста на вработените, како и од квалитетот и достапноста на локалните добавувачи.

Анкетираните компании искажаа незадоволство во однос на борбата со корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација. Уште едно сознание на кое укажува оваа анкета е фактот дека во последните неколку години компаниите се соочуваат со недостаток на квалификувани работници.

Од АХК Северна Македонија, велат дека сакаат да дадат придонес во спроведувањето на дуалното стручно образование по германски терк.

Во 2017 година, АХК Северна Македонија, во соработка со Министерството за образование и наука и другите одговорни институции, ги започна програмите за обучување на инженери за мехатроника и техничари за машинско производство. Програмата за дуално стручно образование по германски модел се спроведува во соработка со 15 партнерски компании и седум стручни училишта во Кавадарци, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово и Куманово.

Повеќе од 420 ученици во моментов се обучуваат во Северна Македонија според германските стандарди за дуално стручно образование. Оваа година ќе се запишат повеќе од 135 ученици во паралелките за дуално стручно образование по германски модел.

Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение, ја нагласува улогата на Германија како најважен трговски партнер на Северна Македонија и еден од најголемите инвеститори во земјата. Трговската размена помеѓу двете земји во 2022 година забележа раст и изнесува 4,8 милијарди евра.

Германските компании кои работат во Северна Македонија вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во земјата. Голем дел од нив веќе ги имаат проширено своите капацитети и најавуваат дополнителни инвестиции. Тоа го поткрепуваат и резултатите од истражувањето, кои покажуваат дека германските компании ги оценуваат како позитивни продуктивноста и мотивираноста на своите вработени, како и квалитетот и достапноста на локалните компании добавувачи.

Ото Граф, заменик германски амбасадор во Северна Македонија, вели дека и покрај предизвиците во стопанството, има позитивни показатели кои укажуваат на задоволството на присутните инвеститори. Ова го поткрепува и фактот што 80 отсто од анкетираните компании повторно би ја избрале Северна Македонија како локација за реализирање на своите инвестиции.

За германските инвеститори, незадоволството од антикорупциските процеси и процедури, недоволната ефикасност на јавната администрација и скептицизмот за правната сигурност го отежнуваат долгорочното планирање на нивните активности. АХК Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение ги поздравуваат сите напори кои ги прави Северна Македонија во однос на реформите кои се насочени кон стопанството, но и на законските реформи за подобрување на деловната клима и привлекување на нови инвестиции.

Од АХК Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение посочуваат дека се заинтересирани за интензивирање на соработката со локални и странски комори и бизнис асоцијации во Северна Македонија со цел заеднички да иницираат неопходни реформи кои дополнително би ја подобриле деловната клима за одржлив и економски развој во Северна Македонија.

Одговарајќи на прашања на новинарите  Граф рече дека во последните седум месеци има нови побарувања за инвестиции и покрај тешката политичка состојба

„Сепак сметам дека би имало уште повеќе побарувања за инвестиции тука, доколку бидат појасни реформите“, рече Граф. 

Тој ја посочи компанијата „Костал“ која ќе инвестира нови 50 милиони евра во проширување на своите капацитети.

„Мора да биде јасно дека реформите се првенствено за подобрување на животот на луѓето кои живеат тука“, рече Граф, додавајќи дека ако сакаме да имаме добра економска структура во која што компаниите ќе можат да се развиваат, од пресудно значење е поголемата ефикасност на администрацијата.