Борат го насамари и исмеа Руди Џулијани


Личниот адвокат на Трамп фатен во непристојна сцена со една актерка која глуми телевизиска новинарка

 

Репутацијата на Руди Џулијани може да доживее уште еден удар со објавувањето на многу непријатна снимка во продолжението на филмот „Борат“ на Саша Коен Барон.

Во филмот, објавен во петокот, поранешниот градоначалник на Њујорк и сегашен личен адвокат на Доналд Трамп се гледа како ги пика рацете во панталоните и очигледно ги допира неговите гениталии додека лежи на кревет во присуство на актерка која ја игра ќерката на Борат, која се претставува како телевизиски новинар.

По опсесивно интервју за лажна конзервативна програма за вести, двојката се повлече по нејзин предлог за пијалок во спалната соба на хотелскиот апартман, наместен со скриени камери.

Откако му го тргна микрофонот, може да се види Џулијани (76) како ги пика рацете во панталоните. Потоа ги прекинува Борат, кој влетува и вели: „Таа има 15 години. Таа е премногу стара за тебе“.

Гласот за инцидентот првпат се појави на 7 јули, кога Џулијани ја повика њујоршката полиција да пријави упад на невообичаено облечен човек.

„Ова момче влета облечено во луда облека, што би рекол дека е розова трансродова облека“, изјави Џулијани за „Њујорк пост“. „Тоа беше розово бикини, со чипка, изгледаше апсурдно. Имаше брада, голи нозе“.

„Оваа личност влета со викање и врескање и јас помислив дека ова мора да биде измама, па затоа пријавив во полиција. Потоа избега“, рече Џулијани. Полицијата утврди дека не е сторено кривично дело.

Џулијани продолжи: „Подоцна сфатив дека сигурно бил Саша Барон Коен. Размислував за сите луѓе кои претходно ги измами и се чувствував добро со себе затоа што не успеа“.