Бонусот за поправка на уреди ги надмина очекувањата во Австрија
Програмата за бонус за поправка на Австрија, која поттикнува сервисирање на расипана електроника и апарати наместо да се купуваат нови, наиде на силен интерес во првата година од нејзиното воведување, објави австриската влада.
Од воведувањето на програмата за решавање на проблемот со електронскиот отпад во април 2022 година, поправени се повеќе од 560.000 електрични и електронски производи, соопшти австриското Министерство за климатски мерки и енергија.
Тоа далеку ги надминува очекувањата за поправка на 400.000 уреди до почетокот на 2026 година.
Половина од трошоците за поправка по уред се субвенционираат
Програмата субвенционира 50 проценти од трошоците за поправка по уред за приватни лица, со горна граница до 200 евра. Откако потрошувачите ќе искористат еден ваучер, можат да побараат друг. До 2026 година од европските фондови за оваа намена ќе бидат достапни вкупно 130 милиони евра. Досега се исплатени околу 51 милион евра.
Меѓу другото, досега се поправени речиси 250.000 мобилни телефони. „Малку е изненадувачки бидејќи мобилните телефони имаат репутација на уреди кои брзо се менуваат поради техничките иновации“, рече Ева Розенберг од министерството.
Според неа, сега почесто во сервисните центри се носат расипани машини за миење садови, машини за перење, кафемати и лаптопи.