„Бомбите“ на Ел Чека ја заплеткаа Јанева


Специјалната јавна обвинителка излезе со нова верзија за „бомбите“ што ги објавува кичевецот „Ел Чека“ кој живее во САД. Иако во првичната изјава пред една недела тврдеше дека дел од „бомбите“ ги има во Специјалното јавно обвинителство и дека се истражуваат, вчера ја промени верзијата. Сега тврди дека разговорите кои ги објавува „Ел Чека“ ги нема во СЈО и дека не се истражуваат. Таа се повика на дообјаснувањето кое го даде Специјалното јавно обвинителство во кое се тврди дека овие разговори не излегле од нивната институција.

„Не се дел од нашите разговори после тоа. Ние немаме такви разговори. Тие се приватни разговори“, рече Јанева. На прашање дека дел од „бомбите“ кои се објавувани биле дел од разговорите кои порано ги објавувала опозицијата, Јанева искоментира дека може се земени до „Јутјуб“.

„Тие се јавно објавени, може да си ги презема од ‘Јутјуб’. Сега што да кажам за тие“, порача Јанева.

Јанева  даде отчет за сработеното во првата половина од годинава пред Советот на јавни обвинители. Јанева и Советот на обвинители заклучиле и дека мора во најбрз можен рок да се донесе законот за обвинителство со кој се решава и идниот статус на СЈО.