„Бомбите“ ја ослабија ДУИ
Во последно време актуелна тема на улица, во чајџилница, во автобус, а најмногу на социјалните мрежи меѓу Албанците се „бомбите“ на Шеќерим Ахмеди познат како Ел Чека. Некои се изненадени од вокабуларот што го користат двете главни личности на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, а некои на тоа гледаат како на нешто нормално бидејќи се работи за двајца стари пријатели.
Без оглед на тоа за какви приватни разговори се работи, Ел Чека не престанува да ги објавува. Некои го навредуваат, а некои го фалат и го мотивираат да продолжи и понатаму. Против Ел Чека пред една недела е подигнато и обвинение од страна на Основното јавно обвинителство во Кичево за кривично дело неовластено прислушување и тонско снимање. Според ова обвинение, Ел Чека го чека затвор од една до пет години. Но, и покрај заканите и кривичните обвиненија, момчето од село Тухин кај Кичево вели дека не се плаши и дека патот што го почнал ќе го продолжи до крај. Тој вчера објави нови „бомби“ во кои таргет беше пратеникот на ДУИ, Артан Груби, зборувајќи со својот шеф Али Ахмети. Како и во многу други разговори, и во овој нема нешто конкретно што алармира. Приватни разговори во кои Ахмети му раскажува на Груби за неговите сеќавања од 1990-тите години.
„Бомбите“, сепак, како што се покажа, влијаат врз граѓаните, што се виде и во 2015 година, кога нив ги објавуваше актуелниот премиер Зоран Заев, по што значително ослабна ВМРО-ДПМНЕ. Но прашањето е колку бомбите на Ел Чека влијаат на ослабувањето на ДУИ. Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека тие не влијаат бидејќи голем дел од овие „бомби“ се само приватни разговори.
„Ова се само приватни разговори, без никаков допир со јавен интерес, разговор кој секој може секој ден да го прави со блиски пријатели. Тие можат да дискредитираат некоја од личностите што се појавува во ‘бомбите’, но не ја поткопуваат партијата во голема мера. Би било друга приказна ако овие бомби зборуваат за корупции и се објавени од доверлива адреса“, вели тој.
Но најновата анкета изработена од „М-проспект“ покажува дека во албанскиот блок партијата на Зијадин Села ѝ се приближува на партијата на Ахмети. Според анкетата, доколку утре се одржат парламентарни избори, за ДУИ би гласале 5,1 отсто, за Алијанса за Албанците би гласале 4,2 отсто и за Беса 2,1 отсто, додека во македонскиот блок 25 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека пак за СДСМ би гласале 23,1 отсто.
Незири вели дека има зголемување на поддршката за Алијансата за Албанците, но недоволна за сама да ја победи ДУИ.
„Албанската опозиција не успеа да ја победи ДУИ на парламентарните избори во декември 2016 година и на локалните во октомври 2017 година поради една причина – недостиг на коалициски капацитет. Ниту еден од лидерите на овие партии не презеде одговорност за овие два изборни неуспеси. Се чини дека овој синдром остана и сега кај Алијансата за Албанците и Беса. Мислам дека за да победат Алијансата и Беса на изборите треба да направат промени на лидерите, при што ќе дојдат личности кои ќе бидат подготвени за коалиции од заеднички интерес, а не лични стравови“, истакна Незири.
Според него, ДУИ во моментот има програмска криза, а Алијансата за Албанците не нуди ништо што е во интерес на албанските граѓани.
„ДУИ во моментот изгледа дека има идеолошка криза, можеби и програмска. Изгледа како партија која нема јасна цел на политичко постоење. Оваа ситуација станува уште поочигледна по усвојувањето на Законот за јазиците и решавањето на проблемот со името. Оваа партија едноставно остана без двете главни каузи, а нема капацитет да работи за ‘малите’ каузи што директно влијаат врз албанскиот граѓанин. Алијансата за Албанците изгледа како сезонска партија која се занимава со секојдневни инциденти, наместо проекти во интерес на сите албански граѓани“, рече Незири.
Аналитичарот Ќенан Алиу, пак, смета дека „бомбите“ на Ел Чека имаат исклучително влијание врз имиџот и авторитетот на протагонистите на партијата и дека ДУИ ќе биде строго казнета од граѓаните на наредните избори.
„Не постои сила што може да го врати имиџот на овој политички субјект. Со овие материјали протече менталната и духовната матрица на протагонистите под куполата на ДУИ. Овој политички субјект треба што е можно поскоро да биде ослободен од сите оние што се фатени и на конгресот партијата треба да се консолидира со млади кадри. Ако ова не се случи, ДУИ ќе биде строго казнета од страна на граѓаните на избори, кога и да се случат тие“, истакнува Алиу.
Аналитичарите сметаат дека ДУИ може пак да зајакне само со длабока реформа во рамките на нејзините структури оставајќи ги надвор сите оние што партијата ја гледаат преку призмата на тендерите и давајќи им простор на оние што вистински веруваат во политичката идеја.
Aрменд Мурсели