„Бомбашите“ веќе не се ни кријат
Татнат „бомби“ од сите страни. Секој ден нов и нов „Бошко Буха“ се јавува од разни краишта на Европа и светот. Те Будимпешта, те Чикаго… Каде е крајот и може ли црниот пазар на нелегално прислушувани материјали, кој дефинитивно е надвор од институционална контрола, да претставува сериозна бомба за целото општество?
Во последниве денови, преку „бомбите“ на удар се функционери на ДУИ. Тие, според аналитичарите, се во функција на одредени прегрупирања, внатрепартиски пресметки и расчистувања. Има од сè по малку – битка за политичка и за криминална превласт, на структури на ДУИ, но и на групации што се на „воена нога“ со албанската партија на власт. Она што го разликува последниот случај од другите е што дистрибутерот на „бомбите“ од Чикаго не го ни крие својот идентитет. Тој се појави јавно на својот фејсбук-профил кој го носи името „Ел Чека“ и испрати директна порака до ДУИ дека воопшто не им се плаши. Тврди дека материјалите ги добил од припадниците на вооружената група од „Диво насеље“ кои се наоѓаат во затвор. Веста за неговото откривање, која ја потврдија и од МВР, ја нарече голема глупост, тој јавно излегува со личен идентитет и лични фотографии.
„Глупоста на ДУИ-стите нема крај, ме откриле? Но, на мојот профил се сите мои персонални слики! И ова го нарекувате криминал, нели! А убиствата на војниците на ОНА и на Албанците не се криминал? Ќе поднесете кривична тужба? Не ве шишам! Господ да ги благослови Албанија и Америка!“ – пишува „Ел Чека“ на својот профил. Пет од „бомбите“ што ги објави се на албански јазик, а во описот на секој разговор е наведено дека зборуваат политичари од ДУИ, како Блерим Беџети, Муса Џафери, Бекир Асани.
Кратко по исмејувачкиот пост „Ел Чека“ објави видео на кое воопшто не го крие ликот, но и нова „бомба“ во која ексминистерот за правда, а сега градоначалник на Сарај, Блерим Беџети и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, се договараат како да го ублажат интересот на медиумите околу екстрадицијата на човек поврзан со случајот „Монструм“. Според „Ел Чека“, тоа е доказ дека случајот е монтиран во договор на тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека во случајот се осудени невини. „Ел Чека“ објави дека во телефонска комуникација со Сами Укшини (командант Соколи) решиле да ги објават сите снимки што ги поседуваат.
Објавувањето на неовластено снимените материјали започна во 2015 година, што беше почеток на пресвртни политички процеси во земјата. Новиот феномен на објавување „бомби“ од различни адреси, пак, легитимно го отвори прашањето каде е крајот, постои ли одбранбен законски и правен механизам за заштита од „црниот бомбашки пазар“.
„Беше видливо дека ДУИ е изоставена од ‘бомбашкиот процес’ со кој се разголи владеењето на претходната власт во која партнери беа ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Откако се формираше новата влада, тенденција беше да се претстави како да станува збор за некоја нова ДУИ, а не истата таа што работеше на идентична незаконска и коруптивна линија со ВМРО-ДПМНЕ“, вели професорката Мирјана Најчевска. Тоа, според неа, било навредливо и неправедно, особено за албанската етничка заедница која, како што вели, барала еднаков аршин, а не селективност и промоција на неказнивост на едната страна.
„Во јавноста и сега владее впечатокот дека функционерите на ДУИ во суштина не се дел од Владата, туку дека имаат сопствена агенда во согласност со интересите на партијата под чија закрила се чувствуваат комфорно и заштитено. Сега веројатно доаѓа моментот за плаќање на цехот и во таа партија. Но, она што е важно е дека ова што се случува сега со ‘бомбите’ покажува две нешта: дека не сме се ослободиле од мафијата и дека институциите сè уште не се функционални“, вели поранешната претседателка на Хелсиншкиот комитет.
Неколку „бомби“ се појавија и еден ден пред изборниот молк за првиот круг на претседателски избори, додека уште една „бомба“ беше активирана пред неколку дена од фејсбук-профилот „Илија Громовник“, очигледно поради морална дискредитација на пратеникот Павле Богоевски, кој најави оставка.
Власта тешко ќе може да се справи со проблемот, бидејќи се работи за прислушувани разговори кои лесно се шират преку интернет. Сето тоа е многу масовно раширено, но институциите мора да направат сè за да утврдат дали тие се користат за уцена за материјален, финансиски, па и политички интерес. И Јавното обвинителството и СЈО реагираа на овие нови случаи на објавување досега необјавени прислушувани разговори, со ветување дека ќе се преземат мерки, но досега такво нешто не се случи. СЈО, освен што истражува за „бомбите“ што ги објави „Илија Громовник“, почна да го анализира и „Ел Чека“. Се анализираат снимките, нивното потекло и дали тие се дел од предадените незаконски прислушувани материјали или се нови. Тврдат дека новите снимки не се протечени од нивните редови. Од МВР велат дека во координација со Јавното обвинителство ги преземаат сите неопходни мерки за расчистување на случајот со поставувањето снимки од прислушуваните разговори на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Констатирано е кој стои зад профилот на ‘Фејсбук’, од каде што се поставени овие содржини и за тоа е известено Обвинителството. Исто така е известена и социјалната мрежа ‘Фејсбук’. По целосното разјаснување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и соодветно ќе ја информира јавноста“, се вели во соопштението на МВР.
По објавувањето на „бомбите“, се создаде дилема за тоа дали тие смеат да се споделуваат во јавноста, бидејќи во октомври 2015 година беше донесен Закон за заштита на приватноста, со кој се забранува нивно објавување, а пропишана беше казна до една година затвор. Иако од одредбите се сфаќа дека казната следува само за оној што ќе објави „бомби“ со приватна содржина, сепак, според експертите не е направена доволно јасна дистинкција меѓу она што значи приватноста и јавен интерес и затоа може да се прават разни злоупотреби. Како проблем го наведуваат и тоа што последниот период „бомбите“ се пуштаат надвор од државата.
Заев не ги слушнал „бомбите“
Премиерот Зоран Заев не ги слушнал објавените прислушувани разговори во последните неколку дена на социјалните мрежи. Тој се воздржа од нивно коментирање, додавајќи дека истражните органи треба сериозно да поработат на случајот.
„Прислушуваните разговори не влијаат на односите со ДУИ. Кој и да ги објавува, треба да знае дека со Договорот од Пржино, опозицијата ги предаде прислушуваните разговори во СЈО и дека нивното објавување е забрането”, рече Заев, додавајќи дека не ја негира можноста прислушувани разговори да има и трета страна, бидејќи според него, опозицијата поседувала само една третина од прислушуваниот материјал во УБК.
Од ДУИ, пак, бараат одговорност од надлежните органи, бидејќи, според нив, истото тоа се повторува постојано, но никој не се казнува.
„Обвинителството, МВР, Дирекцијата за заштита на личните податоци да се ангажираат бидејќи гледаме постојано повторување уште од 2015 година, без никакви конкретни резултати, секогаш со идентификација на проблемот, но не и решение. Мислам дека одговорноста треба да се бара од сите овие институции, бидејќи вака не може да се развие општеството и не може да се функционира со такви методи на дејствување, какви што не можеме да видиме никаде во светот. ДУИ е постојано цел на напади од страна на одредени групи, било со пропаганда, со лажни вести или на други начини и секогаш триумфирал во сите овие процеси, бидејќи гледаме дека ниту еден криминал, корупција не се документира од сите овие напори”, вели за „Порталб.мк“ пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Џафери: Не коментирам казниви работи
Забранети и казниви работи нема што да коментирам, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, во врска со телефонските разговори, објавени во јавноста во кои наводно се слушаат гласови на членови на ДУИ, партија чиј член е и првиот парламентарец.
Прашан дали во матичната партија ќе побара оставка од градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој според новите прислушувани разговори ургирал за судски предмети, од членот на ДУИ фатен со пиштол, како и од лидерот Али Ахмети и од Муса Џафери, спикерот Џафери одговори дека функцијата на која е сега не му дозволува да биде партиски ангажиран, а уште помалку да биде во раководните тела на која било партија.
„Оставката е внатрешно чувство, морал, порив што доаѓа однатре“, рече тој.
Наум Котевски