Болсонаро ги оспори резултатите од претседателските избори во Бразил
Бразилскиот претседател во заминување, Жаир Болсонаро, ги оспори резултатите од минатомесечните претседателски избори, што ги загуби од левичарскиот кандидат Луис Ињасио Лула да Силва, поради нерегуларности на некои избирачки места, се наведува во жалбата поднесена до федералниот Изборен суд.
Британските медиуми пренесуваат дека претставници на десничарската коалиција на Болсонаро, која ја поднесоа жалбата, изјавија дека нивната ревизија на пребројувањето на гласовите открила дефекти во некои од постарите гласачки машини што се користат во Бразил.
-Имаше знаци на сериозни дефекти на неколку постари модели на гласачки машини што предизвикуваат сомнежи и го оневозможуваат потврдувањето на добиените резултати, изјавија од коалицијата на Болсонаро.
Оттаму додаваат дека поради ова гласовите од тие модели на машини за гласање мора да се „поништат“, пренесуваат британските медиуми.
Болсонаро ја загуби изборната трка со тесна разлика, освојувајќи 49,1 отсто од гласовите, додека Лула да Силва доби 50,9 отсто.
На едни од најнеизвесните претседателски избори од враќањето на бразилската демократија во 1985 година, Болсонаро загуби на избори првпат во неговата 34-годишна политичка кариера, на кои, меѓудругото, победи во седум трки за место во Долниот дом на Конгресот – бразилскиот Парламент, додаваат британските медиуми.