Болницата во Кочани нема доволно персонал за рехабилитација на повредените

Состојбата во Општата болница во Кочани е вонредна по враќањето на поголемиот број повредени од болниците во Скопје и во други држави и недоставува медицински персонал за нивна рехабилитација и понатамошен третман на повредите.
„Има наменски простории на одделенијата за хирургија и за неврологија, за да се избегне метежот и чекањето пред ординациите. Со повредените работи еден специјалист по физикална медицина со тројца физиотерапевти кои минатата недела ја завршија дополнителната обука што се спроведе со поддршка од Светската здравствена организација. Дополнително имаме уште еден лекар специјалист и тројца терапевти од болницата во Штип. За лицата со изгореници се прават преврски од страна на двајца хирурзи, четири инструментарки и дополнителни тимови со лекари од пластична хирургија од Скопје. Во моментов околу 40 повредени добиваат физикална терапија, а преврски се прават кај повеќе од 70 лица“, вели Кристина Серафимова, директорка на Општата болница.
Поради сериозноста на повредите третманот и рехабилитацијата ќе трае најмалку една година, а напорите на медицинските лица се што побрзо да им овозможат на повредените да функционираат самостојно.
Вчера бил остварен контакт со ракводството на Институтот за физикална медицина и рехабилитација Козле од Скопје при што е договорено екипи од лекари и медицински сестри да ја посетуваат болницата во Кочани за да помогнат за подобра рехабилитација на повредените.
„Се работи за три вида симптоми што се појавени кај повредените. Кај оние со изгореници има контрактури, односно вкочанување на зглобовите на местата каде што се повредите, и станува збор претежно за рацете. Кај другите деца, кои се повредени при стампедото има нагмечување на долните екстремитети, а кај третите, коишто се со интоксикација на јаглеродниот моноксид, има дополнителни симптоми, за што се прават вежби за дишење заради зголемување на белодробниот капацитет“, додава Серафимова.
Последните објекти на Општата болница во Кочани се изградени во почетокот на 80-те години, а останатите се од пред седум децении, поради што на здравствената институција ѝ е потребно обновување и од просторен аспект, но и со опрема.
„Најмногу од сѐ ни недостасува медицински персонал, а реално на целата болница ѝ недостасува едно убаво реновирање“, нагласува директорката Серафимова.