Богојески обвинува: Мицкоски и Каракачанов во заедничка платеничка акција


Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески, соопшти дека подолг период е  предмет на уцени и закани преку специјална платена координирана акција помеѓу претставници на ДПМНЕ на Мицкоски и БНД на Каракачанов. Според него, тие се координирани од страна на еден македонски олигарх, кој плаќа бугарски и македонски политичари за да биде заштитен од политички прогон во Македонија. Според него тие бараат да исполни неколку нешта. 
„Тие бараат да ја поддржам официјалната позиција на Бугарија по македонското прашање, со која ќе се уценува и спречи влезот на Македонија во ЕУ, што е стратешка цел на болшевиците од ДПМНЕ и БНД! Едните ќе бидат херои во очите на бугарските националисти, а другите ќе докажат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ и покрај промена на име, без да се избрише идентитетот на Македонците! Тоа е брак од интерес на двете ‘партии‚, координирани од ист московски центар, кои носат предзнак ВМРО и го злоупотребуваат историското значење на Организацијата!
 Бараат да се откажам од тврдењето дека македонско-бугарските односи се заложник на мафијата и да престанам да ја известувам јавноста за игрите околу ‘конзулот’!
Да се откажам од барањето да се заштити ВМРО од политичка злоупотреба и во Македонија и во Бугарија, преку заклучок на историската комисија на двете земји!
Да се повлечам од барањето за реформи, а сега и за редефинирање на ВМРО-ДПМНЕ и да го поддржам Мицкоски да остане лидер на партијата!

Да престане да постои Македонски концепт, а во понатамошното политичко дејствување да му дадам поддршка на Мицкоски!

По мојот јавен настап на ТВ24 на 23 септември, особено по тврдењето дека македонско-бугарските односи се во заложништо од мафијата, бев повторно предмет на уцени и закани со истите барања до мене и со најава дека е нарачана моја ‘ликвидација’ во македонската јавност, која ќе започне денес. Од моја страна беа отфрлени сите нивни барања. Кажано е дека продолжувам да се борам за мојата Македонија и дека никогаш, ама баш никогаш нема да се откажам од таа борба, без разлика на сѐ што ме очекува во иднина, на сите закани и уцени!

Заканата започна да се реализира, токму како што беше најавено. Денес во 12.11 часот добив полициски прашања од страна на ‘интернет медиумот Инфомакс’, за кој знаеме чив перјаник е, со прашања за мој престој и студии во Бугарија, бугарско државјанство, бугарска стипендија за магистерски студии, пријателства со македонски Бугари и слично со цел платената акција да биде спроведена и да бидам прикажан како бугараш во македонската јавност и ликвидиран од политичка сцена во земјава!

Секако дека никогаш нема да одговорам на прашањата на рубља патриоти, но јавноста заслужува одговори. Во зависност од развојот на настаните, ќе објавувам дополнителни факти и документи, но и непријатни вистини за координацијата помеѓу СССР – ДПМНЕ/БНД. Без разлика на сето ова, без разлика на сите закани и уцени, јас останувам посветен на борбата за нашата Македонија“, напиша Богојески на Фејсбук.