Богојески ќе прави евалуација на евалуаторите, ќе замени најмалку половина


Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, донесе одлука за раскинување на договорите со тројца евалуатори и нивно исклучување од базата на надворешни експерти. Лицата биле вклучени во процесот на евалуација без претходно да имаат завршено соодветна обука за оценување на апликации за доделување на грантови, што претставува сериозно отстапување од утврдените процедури и стандарди.

-За истото ќе се утврди одговорност и за внатрешно вработени лица во Националната агенција, велат оттаму.

Во насока на унапредување на квалитетот и интегритетот на евалуациските процеси, се додава во соопштението, Богојески најавил сеопфатна реевалуација на сите евалуатори, при што во првата фаза ќе бидат заменети најмалку 50% од нив. Процесот е планирано да биде комплетиран најдоцна до август 2025 година.

 

-Националната агенција останува цврсто посветена на транспарентно, одговорно и законито работење, како и на доследна борба против корупцијата во сите нејзини форми, наведуваат од Агенцијата.